Фудбалските возбудувања во Премиер лигата продолжуваат денеска со натпреварот со кој се отвора 32-то коло. Лидерот на табелата, екипата на Арсенал, на својот „Емирати“ го пречекува секогаш незгодниот Борнмут (13:30 часот). Влогот за „Топчиите“ е огромен, евентуална победа ќе им донесе предност од дури 12 бода пред актуелниот шампион Манчестер Сити (кој има натпревар помалку и утре гостува кај Челзи) и значително ќе ги доближи до првата шампионска титула по далечната 2004 година.
Сепак, мисијата на менаџерот Микел Артета нема да биде нималку лесна. Лондонскиот клуб влегува во овој натпревар драстично ослабен поради повреди. Надвор од составот се капитенот Мартин Одегард, најдобриот крилен напаѓач Букајо Сака, како и дефанзивците Рикардо Калафиори и Јуриен Тимбер.
Капитенската лента денеска ќе ја носи Деклан Рајс, додека во стартните единаесетмина, како лев бек, шанса добива младиот талент Мајлс Луис-Скели. Добра вест за домашните фанови е враќањето на Еберечи Езе кој закрепна од повредата и ќе биде на клупата за резервни играчи.
„Колку повеќе се доближуваме до крајот, толку повеќе расте важноста на натпреварите. Денеска е голем ден за нас. Натпреварот се игра рано, затоа станете порано, појадувајте, донесете си ручек и вечера на стадионот, и ајде сите заедно да одиме кон победата,“ гласеше невообичаениот мотивирачки повик на Артета до навивачите на Арсенал.
Од другата страна, Борнмут на чело со Андони Ираола пристигнува во Лондон со импресивна низа од 12 натпревари без пораз во сите натпреварувања (кога се гледаат само резултатите по 90 минути). Иако „Црешите“ во последно време врзаа дури пет нерешени средби во првенството што ги спушти на 13-тото место, тие сè уште имаат математички шанси за пласман во европските натпреварувања следната сезона. Ираола направи само една измена во стартниот состав во однос на претходниот натпревар против Манчестер Јунајтед, внесувајќи го Жуниор Крупи на местото на Амин Адли.



