Во рамките на 28. коло од домашниот шампионат, денеска нè очекува еден од клучните дуели во борбата за опстанок. Под „Тумбе Кафе“, екипата на Пелистер го пречекува тимот на Македонија ЃП. Ова е судир на два директни конкуренти кои во финишот на сезоната немаат право на грешка ако сакаат и догодина да бидат дел од македонската фудбалска елита.
Македонија Ѓорче Петров оваа сезона се потпира на својата младост и на „бисерите“ од својата школа, а еден од оние кои најмногу отскокнуваат е младиот репрезентативец Мартин Џангаровски.
Џангаровски: „Деталите ќе одлучат под Тумбе Кафе“
Иако припаѓа на генерацијата 2008, Џангаровски веќе е стандарден првотимец со сериозна минутажа, а неговата зрелост на теренот е клучна за играта на „лавовите“. Пред денешното гостување, тој порачува дека тимот верува во своите квалитети.
„Очекуваме многу тежок и борбен натпревар. Станува збор за директен конкурент и знаеме колку значат бодовите. Максимално сме фокусирани и веруваме дека можеме до позитивен резултат. Додека постојат и теоретски шанси, ние ќе се бориме до крај. Тимот има карактер и верба“, дециден е младиот Џангаровски.
Дисциплината како клуч за успех
За екипа која се бори за секој педа на теренот, Џангаровски смета дека клучот до бодовите во Битола лежи во концентрацијата.
„Во вакви натпревари најважно е да се биде дисциплиниран и да се игра како тим. Деталите одлучуваат, затоа треба да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже“, додава тој.
Пелистер пред својата верна публика секогаш е тежок противник, но Македонија ЃП доаѓа со јасна намера да ги „украде“ бодовите и да направи голем чекор кон мирна завршница на сезоната. Дали младоста на Џангаровски и дружината ќе преовлада над битолското искуство, ќе дознаеме попладнево.



