Светскиот првак Аргентина ќе биде значително ослабен за претстојниот пријателски натпревар против Ангола, и тоа поради административно-здравствена причина каква што ретко се гледа во модерниот фудбал.
Селекторот Лионел Скалони мораше да ги избрише од списокот трите ѕвезди на Атлетико Мадрид, Хулијан Алварез, Џулијано Симеоне и Нахуел Молина.
Причината? Играчите не се вакцинирани против жолта треска.
За влез во Ангола, сертификатот за оваа вакцина е задолжителен услов за патниците. Фудбалската федерација на Аргентина потврди дека играчите „не ги завршиле навреме здравствените процедури“ поврзани со вакцинацијата.
Сепак, зад „гафот“ се крие логично објаснување. Пријателскиот натпревар беше закажан многу доцна (најавен на 29 октомври). Правилата налагаат вакцината да се прими најмалку 10 дена пред патувањето. Со оглед на тоа што фудбалерите играат на секои три дена, тие едноставно немале „прозорец“ во кој би можеле да ја примат вакцината и да се справат со евентуалните нуспојави без тоа да влијае на нивните клупски настапи.
Како што коментираат фановите на социјалните мрежи: „Одлична одлука“. Ова е всушност скриен благослов за Диего Симеоне, бидејќи неговите клучни играчи наместо да патуваат во Африка, ќе добијат драгоцен одмор во Мадрид.
На нивно место, во репрезентацијата дополнително се повикани Леандро Паредес и Емилијано Буендија.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



