Кипарскиот прволигаш Еносис Неон Паралимни (ЕНП) официјално го потврди македонскиот двоец во своите редови. Клубот се одлучи за сериозни промени, доверувајќи ги клучевите на тимот на македонски стратег, а нападот на искусен македонски голгетер.
Поранешниот македонски репрезентативец Бојан Маркоски е именуван за нов шеф на стручниот штаб. За Маркоски ова е враќање на „местото на злосторството“, бидејќи тој со голем успех го носеше дресот на ЕНП како фудбалер во периодот од 2009 до 2012 година.
Во своето прво интервју како тренер, Маркоски најави нова енергија и филозофија со која ќе се обиде да го подигне тимот на табелата. Претходно, тој работеше како тренер во Работнички и асистент во Етникос Ахна и АЕЛ Лимасол.
Симоновски за голови
За реализацијата ќе биде задолжен Марко Симоновски. 34-годишниот напаѓач потпиша договор со ЕНП и доаѓа од редовите на Башкими.
Симоновски носи огромно меѓународно искуство, имајќи настапувано во Финска (Лахти), Романија (Сепси, Волунтари), Хрватска (Сплит) и Казахстан, а беше и дел од македонската репрезентација.
Со овој тандем, „Виолетовите“ од Паралимни се надеваат на успешна пролет во кипарската елита.



