Бруно Фернандеш: „Одбив 200 милиони фунти за да го остварам сонот со Манчестер Јунајтед!“

 

Објавено:

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, беше гостин во најновата епизода на популарниот подкаст „The Diary Of A CEO“ кај Стивен Бартлет. Во исклучително емотивно и отворено интервју снимено директно во тренинг центарот „Карингтон“, португалскиот виртуоз за првпат проговори за астрономските понуди кои ги имал на маса, конфликтот со Рој Кин, но и за длабоките семејни вредности кои го прават лидер на најголемиот англиски клуб.

Разговорот донесе ретка слика за човекот зад капитенската лента, кој во неколку моменти не успеа да ги сокрие солзите пред камерите кога зборуваше за жртвите кои неговото семејство ги направило за тој да успее во фудбалскиот свет.

„Одбив богатство од Блискиот Исток бидејќи моите соништа немаат цена“

Едно од клучните откритија во интервјуто беше потврдата за мега-понудата од Блискиот Исток која Фернандеш ја добил во изминатиот период. Иако имал клаузула во договорот која му дозволувала да замине за 60 милиони фунти, а финансиската понуда за него изнесувала нестварни 200 милиони фунти, тој решил да каже едно големо „НЕ“.

„Мојата сопруга Ана е тука со мене уште од мојата 16-та година, кога во Италија заработував едвај 1.500 евра месечно. Кога пристигна оваа огромна понуда, таа ме погледна и ме праша само едно: ‘Дали ги оствари сите соништа што ги имаше во кариерата и дали навистина ова е следниот чекор што го сакаш за твојата иднина?’.

Јас сè уште имам недовршена работа во Манчестер Јунајтед. Сакам да ги живеам моите соништа и да им ги пренесам вистинските вредности на моите деца. Наместо да бидам најбогатиот човек во мојот роден град, избрав да останам во најдобрата лига на светот и да се борам за трофеи со мојот клуб“, изјави емотивниот Бруно преку солзи.

Отворен демант за Рој Кин: „Прифаќам критики, но не дозволувам да се лаже!“

Фернандеш директно одговори и на неодамнешните жестоки критики од поранешниот капитен на клубот, Рој Кин, кој ја нападна неговата ментална цврстина врз основа на наводен цитат по еден натпревар. Кин тврдеше дека Бруно изјавил дека „бркал асистенции на теренот“, но Португалскиот плејмејкер со факти го демантираше тоа.

„Јас никогаш во кариерата не сум одговорил на ниту една критика. Луѓето имаат право на мислење. Ако постигнувам голови, велат дека сум себичен; ако асистирам, велат дека премногу додавам. Но, она што не го поднесувам е кога луѓето лажат. Тоа што Рој Кин го кажа е чиста лага.

Мојот стил на игра се заснова на ризик и награда, и јас сум креатор на шанси уште од првиот ден кога стапнав во Премиер лигата. Побарав дури и број од Оле Гунар Солскјер за да стапам во контакт со Кин и лично да му кажам дека немам проблем да ме критикува како фудбалер или капитен, но нема да дозволам да ми става зборови во уста кои никогаш не сум ги кажал“, дециден е Фернандеш.

Придонесот на Аморим и трансфер лекција за „Инеос“

Зборувајќи за градењето на победнички тим, Бруно се осврна и на неговиот сонародник Рубен Аморим, кој се соочи со огромни критики од јавноста за неговото време на клупата на Јунајтед. Тој потенцираше дека Аморим завршил фантастична работа на пазарот, покажувајќи нестварно око за препознавање и носење на исклучително квалитетни фудбалери кои знаат како да направат разлика на теренот. Токму таа филозофија на паметно селектирање според него треба да биде пример.

Фернандеш потенцираше дека претстојното лето ќе биде клучно за трансфер пазарот, особено по заминувањето на Касемиро, но упати јасна порака до фондот „Инеос“ дека клубот не треба да купува „ѕвезди само затоа што се познати имиња“, туку фудбалери со силен карактер и глад за победи, кои вистински сакаат да играат за дресот на Јунајтед.

Мајкл Карик е вистинскиот лидер за долгорочна стабилност

Интервјуто се совпадна со големата вест дека Мајкл Карик официјално е назначен за траен менаџер на Манчестер Јунајтед по неговиот одличен привремен престој со кој го донесе тимот до третото место на табелата. Капитеното изрази огромно задоволство од овој потег на управата.

„Откако Мајкл го презеде тимот, ние статистички освоивме најмногу бодови во Премиер лигата. Тој донесе смиреност, мир во главите на играчите, но и огромна одговорност. На теренот тој ни ги дава недвосмислените тактички правила, но ни остава слобода самите да ги читаме просторите и да носиме одлуки во текот на 90-те минути. На клубот му е потребна токму таква стабилност на долг рок. Мајкл совршено ги знае вредностите на Манчестер Јунајтед бидејќи ја поминал секоја можна фаза тука“.

На крајот, на прашањето каде се гледа за пет години, Бруно јасно ги зацрта своите цели: „Сакам да ги подигнам пехарите во Премиер лигата и Лигата на шампионите со Јунајтед, но мојот најголем животен сон останува да го освојам Светското првенство со мојата Португалија – таа мала, но бестрашна нација која знае како да го освои светот“.

Погледнете го целото интервју тука:

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено