Додека Данска го слави пласманот во финалето, во таборот на Исланд владее огромен гнев. „Рибарите“ сметаат дека се оштетени во полуфиналниот судир (31:28), а главниот збор по натпреварот го имаше најдобриот среден бек на светот, Гисли Кристјансон.
„Спорни критериуми пред 15.000 грла“
Иако Данска ја имаше предноста на домашниот терен и поддршката од огромната публика, Исланѓаните сметаат дека норвешката судиска двојка потпаднала под притисокот. Кристјансон по натпреварот беше видно разочаран од начинот на кој се делела правдата, потенцирајќи дека арбитрите директно влијаеле врз нивниот напаѓачки ритам.
„Имаше неколку одлуки во кои Данска добиваше судари од девет метри кои за нас едноставно не беа судени. Постојат многу ситуации кои допрва морам да ги погледнам на снимка, но ова се моите први впечатоци по натпреварот“, изјави разочараниот Кристјансон за ТВ2.
Сецкање на играта како стратегија?

Она што најмногу ги заболе Исланѓаните е чувството дека судиите ги запирале во моментите кога создавале предност. Наместо да се дозволи предност, свирчето на Норвежаните пречесто се слушало, што го олеснувало враќањето на данската одбрана.
„Навистина не сакам да кажам дека сè одеше во корист на Данска, но имаше многу ситуации во кои прерано ја прекинуваа играта. Едноставно не ни дозволија да играме ракомет кога ќе поминевме низ одбраната, го запираа нападот. Не знам зошто. Сметам дека и во првото полувреме можевме да добиеме многу повеќе удари од 9 метри, но тоа не се случи“, објасни организаторот на играта на Магдебург.
Револт по „атомскиот“ ракомет
Иако натпреварот беше прогласен за еден од физички најнапорните на првенството, Исланѓаните не можат да се помират со фактот дека не ја добиле шансата до крај да се борат под еднакви услови. Критиките на Кристјансон веројатно ќе предизвикаат лавина реакции во ракометниот свет, особено пред големото финале каде Данска важи за апсолутен фаворит.
Дали поплаките на Исланд се оправдани или пак се работи за чиста субјективност по тежок пораз, останува на јавноста да процени.
Следете нè: Facebook | Instagram | X
Гостинска статија на Марија Петровска



