Вистински “земјотрес” го тресе “Олд Трафорд”. Според последните информации кои доаѓаат од Англија, во Манчестер Јунајтед владее тотален хаос откако дури петмина играчи од првиот тим официјално го информирале клубот дека сакаат да си заминат ова лето.
На листата за заминување се наоѓаат Маркус Рашфорд, Алехандро Гарначо, Антони, Тајрел Маласија и Џејдон Санчо. Поради ова, клубот го одложил нивното враќање на подготовките за подоцна во јули, со цел да се најдат решенија и да се комплетираат нивните трансфери.
Крајот на Рашфорд на “Олд Трафорд” – Понижување со дресот со број 10
Најголемиот шок е дефинитивната одлука за заминување на детето на клубот, Маркус Рашфорд. Новиот менаџер, Рубен Аморим, јасно му ставил до знаење дека не смета на него за претстојната сезона. Иако сонот на Рашфорд е трансфер во Барселона, засега нема конкретни преговори.
Како последен доказ дека неговата ера во Јунајтед е завршена, клубот го направи и последниот, понижувачки чекор: раководството веќе ги информирало неговите претставници дека дресот со број 10 му е доделен на Матеус Куња. Пораката е јасна – за Рашфорд повеќе нема место на “Олд Трафорд”.
Гарначо и Антони исто така на излезна врата
И останатите крилни напаѓачи сакаат да го напуштат бродот. Алехандро Гарначо, иако има поинакви планови од Рашфорд, уште од средината на јуни се согласил со клубот дека е време за заминување, а неговата желба е да остане во Премиер лигата.
Од друга страна, заминувањето на Антони било очекувано. Бразилецот сака да истражи нови опции, а за него е заинтересиран Реал Бетис. Сепак, неговата огромна плата останува главна пречка за договор.
Очигледно е дека во Манчестер Јунајтед започнува нова ера, но таа започнува со тотална “чистка”и хаос во соблекувалната.