На денешен ден, пред точно 24 години, се случи еден од најголемите и најемотивните подвизи во историјата на тенисот. Горан Иванишевиќ го постигна најголемиот успех во хрватската спортска историја – го освои Вимблдон, станувајќи првиот (и досега единствен) Хрват кој успеал во тоа.
Тој 9 јули 2001 година, Иванишевиќ излезе на централниот терен за финалниот меч против Австралиецот Патрик Рафтер. Мечот беше вистинска спортска драма исполнета со емоции, пресврти и неизвесност. Горан одлично го отвори финалето и го освои првиот сет, но Рафтер возврати во вториот. Во третиот сет, Иванишевиќ повторно беше подобар, но во четвртиот, по неколку контроверзни одлуки, го загуби сервисот и сетот.
Сè се одлучуваше во епскиот петти сет. Во 15-тиот гем, при резултат 7:7, Горан конечно му го одзеде сервисот на Рафтер. Во следниот гем, по четири искористени меч-топки и со солзи во очите, конечно го освои Вимблдон со конечни 6:3, 3:6, 6:3, 2:6, 9:7.
“Не знам дали сè уште сонувам, се надевам дека утре никој нема да ме разбуди и да ми каже дека ова не се случило. Оваа победа ја посветувам на Дражен Петровиќ – се надевам дека ме гледа, тој беше вистинска инспирација”, изјави емотивниот Горан во својот победнички говор.
Она што ја прави оваа приказна уште поневеројатна е фактот што тој на турнирот настапи со специјална покана (вајлд-кард) како 125. тенисер на светот. Пркосејќи на сите прогнози, тој ја оствари својата животна цел и испиша историја.
По неговото враќање во родниот Сплит, го дочекаа над 100 илјади луѓе – со гордост, аплаузи и солзи радосници. Тој ден засекогаш остана впишан во спортските алманаси како чудо што светот долго ќе го памети.
Гостинска статија на Марија Петровска