Керлингот отсекогаш бил симбол за фер-плеј, спорт во кој играчите сами си ги признаваат грешките и каде владее меѓусебна почит. Но, на Зимските олимписки игри 2026, тој имиџ е сериозно нарушен. Она што започна како вербална пресметка меѓу Канада и Шведска, ескалираше во вистинска шпионска драма која го принуди Светскиот керлинг сојуз итно да ги менува правилата среде Олимпијада.
„Двојно допирање“ и сочни пцости на мразот
Драмата започна во петокот, за време на мечот меѓу Канада и Шведска. Швеѓаните го обвинија искусниот канадски ветеран Марк Кенеди за „двојно допирање“ на каменот – прекршок каде играчот, откако ќе ја пушти рачката, со прстот му дава уште еден мал поттик на каменот за да ја поправи неговата насока.
Тензиите го достигнаа врвот кога Кенеди упати серија пцости кон шведскиот противник Оскар Ериксон. Иако резултатот остана (8-6 за Канада), шведскиот тим тврдеше дека има доказ.
Team success rate dropped from 88% for the first 3 games to 85% in this one, and for Marc Kennedy it dropped from 88% to 78% when he could no longer use his finger for speed adjustment.
— Grisbrottaren (@Grisbrottaren) February 14, 2026
Isn't that strange?
(The Swedes all had a success rate over 93% today)https://t.co/lyOKM7xwsq pic.twitter.com/ejM1e884g8
Шпионажа: Дали Швеѓаните поставиле „заседи“ со камери?
Најконтроверзниот дел од приказната е снимката која се појави по мечот. На неа јасно се гледа прекршокот на Кенеди, но прашањето е од каде дојде тоа видео? Канаѓаните луто обвинија дека Швеѓаните извршиле „шпионска операција“, односно дека намерно поставиле некој да ги снима рацете на Кенеди за да го фатат во стапица.
Во спорт кој се заснова на доверба, ова се смета за еднакво „валкано“ како и самото мамење.
Хаос со правилата и воведување на „ВАР“ во керлингот?
Откако и Швајцарија го пријави Кенеди за истата работа следниот ден, Светскиот керлинг мораше да реагира. Прво поставија дополнителни судии, па почнаа да ги казнуваат сите (па дури и оние на кои случајно им останал прстот на каменот), за на крајот повторно да го сменат протоколот – тимовите сега можат да бараат официјален мониторинг само ако имаат сомнеж.
Играчите веќе бараат радикални промени. Шкотскиот олимпиец Хами Мекмилан предложи воведување на технологија како ВАР или Hawk-Eye.
„Мислам дека видео-прегледите се следната голема работа. Секој тим треба да има право на челинџ (предизвик). Тоа ќе го модернизира спортот и ќе ги спречи овие расправии“, вели Мекмилан.
Дали керлингот ќе преживее без технологија или модерното време дефинитивно го уби „џентлменскиот договор“ на мразот? Едно е сигурно – во Кортина веќе никој никого не гледа со доверба.



