Севиља дефинитивно е градот каде македонската атлетика пишува убави приказни. Нашиот најдобар маратонец, Дарио Ивановски, денеска истрча уште една храбра, зрела и тактички издржана трка на улиците на Андалузија, потврдувајќи дека припаѓа во европскиот крем на „кралицата на спортовите“.
Со време од 2:12:23, Ивановски ја мина целта како 38-ми во пеколна конкуренција, остварувајќи го својот трет најдобар резултат во кариерата.
Стабилност и карактер на 42.195 метри
Иако маратонот е дисциплина полна со непознати, Дарио покажа извонредна стабилност. Тој имаше одличен старт и силно проаѓање на полумаратонската делница, а и покрај малиот пад на темпото во вториот дел, успеа да го задржи ритамот за врвен финиш.
За потсетување, токму на оваа патека пред две години тој го постави актуелниот македонски рекорд (2:08:25). Денешниот резултат е само потврда за неговиот континуитет и врвна форма.
Виза за Бирмингем и државно признание
Овој настап не е само статистички успех. Со истрчаното време, Дарио Ивановски си обезбеди пласман на Европското првенство во Бирмингем кое ќе се одржи оваа година.
Дополнително, овој резултат му носи и статус на спортист од меѓународна категорија од Министерството за спорт, статус кој ќе го ужива во наредните две години.
Етиопска доминација на врвот
За тоа колку беше брза и силна денешната трка говори и подиумот. Етиопија доминираше, заземајќи ги првите три места и дури осум од најдобрите десет.
Победник е Шура Китата со неверојатно време од 2:03:59, кој во драматичен фото-финиш го победи сонародникот Асрар Хијрден.
Честитки Дарио, горди сме на начинот на кој ја претставуваш Македонија! 🇲🇰🏃♂️



