Фудбалската репрезентација вечерва од 20:45 часот на стадионот „Стожице“ во Љубљана го игра натпреварот од второто коло во Лигата на нации против Словенија. Ова е дуел на две селекции кои се наоѓаат во резултатска криза и очајнички бараат победа за да ја вратат довербата кај своите навивачи.
Историјата потсетува на славните денови
Пресметките со Словенија секогаш будат посебни емоции кај македонските фудбалски фанови. Токму против овој противник, македонската репрезентација го одигра својот прв официјален натпревар во историјата како независна држава. На 13 октомври 1993 година во Крањ, нашиот национален тим под водство на Андон Дончевски славеше историска победа од 1-4, најавувајќи ги своите почетоци на европската фудбалска мапа.
Традицијата е апсолутно на наша страна. На досегашните седум меѓусебни дуели, Македонија има остварено четири победи, два натпревари завршиле без победник, додека Словенија се радувала само еднаш. Овој податок треба да послужи како дополнителен мотив за избраниците на Гоце Седлоски пред вечерашниот предизвик, потсетувајќи ги дека играат против ривал со кој знаеме како да се надигруваме.
Дуел на две репрезентации во очајна потрага по триумф
Реалноста денес е далеку од тие славни денови од минатото. Македонија се наоѓа во длабока фудбалска криза, со застрашувачка серија од пет последователни порази во кои мрежата на противниците остана негибната. Нашиот напад нема постигнато гол, а убедливиот пораз од Швајцарија (0-3) во Скопје само ги извади на површина сите системски слабости. Најавените тактички промени од стручниот штаб и освежувањето во стартниот состав мора да донесат конкретна реакција и карактер на теренот.
Од друга страна, ниту домаќинот не цвета од убавина. И покрај тоа што Словенија важи за квалитетен состав, четата на Боштјан Цесар се наоѓа во сериозен резултатски грч. Словенците влегуваат во овој натпревар со само една победа на последните единаесет средби, откако викендов одиграа бледо реми без голови против Шкотска.
Вечерва на „Стожице“ нема простор за калкулации. Двете екипи се под огромен притисок, а трите бода се единствениот лек за излез од резултатскиот мрак. Останува да видиме дали Македонија ќе пронајде сили да се издигне од пепелта и преку стариот должник Словенија да најави подобри денови за нашиот репрезентативен фудбал.






