Дваесет и вториот ден на Светското првенство носи три нови битки во нокаут-фазата, каде што секој потег е одлучувачки. Денешната програма е резервирана за репрезентации кои бараат потврда на својот статус, но и за оние кои се подготвени за „сензација“ која би го шокирала фудбалскиот свет.
Шпанија – Австрија (1/16 финале)
- Почеток: 21:00 часот
- Стадион: Лос Анџелес, САД
Наше очекување: Шпанија досега не играше со „полна гас“, но нивната дефанзивна сигурност, без примен гол во групата, е импресивна. Ламин Јамал ја носи креативноста и полека се враќа во форма од повредата, но на „Црвената фурија“ ѝ треба многу повеќе кохезија во нападот ако сакаат да одат до крајот. Австријците, пак, се мачеа со ефикасноста и едвај се извлекоа во лудата завршница против Алжир. Иако тимот на Рангник знае да биде непријатен, веруваме дека Шпанија има премногу квалитет за да дозволи изненадување.
Португалија – Хрватска (1/16 финале)
- Почеток: 01:00 часот (наутро)
- Стадион: Торонто, Канада
Наше очекување: Еве го дуелот каде „хартијата“ вели едно, а срцето друго. Португалија има еден од најталентираните тимови на турнирот, но Роберто Мартинез сè уште не наоѓа начин како да ги спои сите „ѕвезди“ во функционирачка машина. Од друга страна, Хрватска е „мајстор за преживување“. Златко Далиќ знае како се играат нокаут-натпревари, како се „убива“ ритамот и како се победува кога е најтешко. Иако Португалија е фаворит на многумина, нашето срце е со Хрватска – веруваме дека нивната борбеност и искуство во решавачки моменти ќе им донесат пласман понатаму!
Швајцарија – Алжир (1/16 финале)
- Почеток: 05:00 часот (наутро)
- Стадион: Ванкувер, Канада
Наше очекување: Швајцарија на овој турнир делува како една од најстабилните селекции. Со Јохан Манзамби во нападот, кој е вистинско откритие на турнирот со три постигнати гола, Швајцарците се фаворити во овој дуел. Алжир дојде до овде по хаотичниот, но спектакуларен меч со Австрија, во кој Ријад Марез блесна со два гола на 35-годишна возраст. Сепак, швајцарската дисциплина веројатно ќе биде превисока бариера за Алжирците, па очекуваме сигурен пласман на Швајцарците.



