Градскиот плоштад во Тетово овие денови добива сосема нов изглед и ритам. Од денеска, па сè до 27 јуни, Тетово е домаќин на Балканскиот шампионат во одбојка на песок за играчи и играчки до 22 години – настан кој ветува три дена полни со спортска енергија и вистинска летна атракција.
Организаторите – Одбојкарската федерација на Македонија и Општина Тетово – го трансформираа срцето на градот во професионален терен за одбојка на песок, подготвен да пречека некои од најдобрите млади таленти од регионот.
Во машка конкуренција ќе настапат осум екипи, а кај дамите седум тима, кои доаѓаат од Македонија, Албанија, Косово, Турција, Романија и Молдавија. Натпреварувањето официјално започнува со прелиминарни натпревари денес и утре претпладне, додека четврток попладне се резервирани за елиминациите. Финалните мечеви и битката за медали ќе се играат во петок, кога ќе дознаеме кои се новите шампиони на Балканот.
Тетово ќе биде центарот на балканската одбојка на плажа, а љубителите на спортот имаат шанса да уживаат во убав спортски настан под ведро небо, директно во урбаното срце на градот.



