Добри вести! Повредата не е пресериозна, но Маркез сепак пропушта две трки

Објавено:

Марк Маркез, човекот кој оваа сезона повторно го разбуди својот препознатлив борбен дух, ќе мора привремено да ги остави трките на страна. По падот во Индонезија, осумкратниот светски шампион заработи фрактура на основата на коракоидниот израсток и повреда на лигаментите на десното рамо, што ќе го држи надвор од акција најмалку две трки.

По пристигнувањето во Мадрид, Маркез веднаш бил подложен на детални медицински прегледи во болницата “Рубер Интернационал”, кадешто докторите исклучиле сериозни компликации или повторна повреда на старите проблеми со рамото. Добрата вест е дека нема дислокација, но лошата е дека закрепнувањето ќе бара време и целосен одмор.

Медицинскиот тим, предводен од д-р Самуел Антуња и д-р Игнасио Роџер де Оња, одлучи за конзервативен третман без операција, што подразбира имобилизација и контроли на неделна база.

“Среќа е што повредата не е сериозна, но мора да се почитува процесот на закрепнување. Сакам да се вратам пред крајот на сезоната, но без ризик и без брзање. Нашите главни цели веќе ги постигнавме, сега е време да се заздрави правилно”, изјави Маркез по враќањето во Шпанија.

Ова значи дека Дукати Леново тимот ќе мора да настапи без својот шампион во Австралија и Малезија, трки кои се клучни за завршницата на сезоната. Иако титулата не е во игра, присуството на Маркез секогаш носи енергија и притисок кај конкурентите.

Во година во која се виде неговото повторно раѓање по преминот од Хонда во Дукати, оваа повреда доаѓа во најнезгоден можен момент. Но, ако нешто го дефинира Маркез, тоа е неговата упорност да се врати посилен.

Иако овојпат ќе го гледаме само оддалеку, сите знаеме, бројот 93 ќе се врати, и тоа на свој начин: брз, бескомпромисен и гладен за победа.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено