Веста дека Роџерс Мато потпиша за Хартс и ќе си замине на лето како слободен играч предизвика лавина од негативни коментари. Но, време е да ја тргнеме настрана таа позната македонска токсичност и да ги погледнеме фактите во очи.
Роџерс Мато не е предавник. Роџерс Мато е херој на ФК Вардар.
Тој е човекот кој беше најзаслужен што Вардар не испадна од лигата ланската сезона. Тој е човекот кој го донесе Купот на Македонија во витрините на клубот, што резултираше со излез во Европа и огромен финансиски прилив од УЕФА оваа сезона. Тој си ја заработи платата и многу повеќе од тоа.
Не читајте „научна фантастика“ – Мато е играч на Хартс!
Ве молиме, игнорирајте ги евтините сензационалистички наслови од одредени портали кои тврдат дека Вардар „сè уште може да го продаде Мато за милиони“ во Кина, Америка или Русија. Тоа е правно невозможно.
Мато веќе стави потпис на договор со Хартс кој стапува на сила од 1 јули 2026 година. Тој правно е веќе врзан за шкотскиот клуб.
- Кој клуб би платил милион евра за играч кој веќе има потпишано со друг клуб од лето?
- Зошто Хартс би го купил сега за да го врати на позајмица во Вардар, кога веќе го има бесплатно за 6 месеци?
Ова се приказни за мали деца. Реалноста е една – тој оди во Шкотска.
Што е „Босман правилото“? (Кратка лекција)
За оние кои не се упатени, ова не е „дупка во законот“, туку основно фудбалско право познато како „Босман правило“. Според ФИФА, секој играч кој влегува во последните 6 месеци од договорот има право слободно да преговара и да потпише за друг клуб без обештетување.
Тоа не е предавство, туку потег што го направија и најголемите светски професионалци кои играа машки до последен здив. Сетете се на Илкај Гундоган, капитенот на Манчестер Сити кој освои „Триплета“, го испочитува договорот до крај и замина бесплатно во Барселона како легенда. Сличен е примерот со Антонио Рудигер, кој иако потпиша за Реал Мадрид бидејќи Челси доцнеше со понудата, во последните шест месеци „гинеше“ на теренот за „сините“. И Тијаго Силва замина од ПСЖ во Челси без отштета, па стана икона на новиот клуб. Мато само го искористи своето легитимно право да напредува во кариерата.
Што сега? Имаме само една паметна опција
Вардар има три опции, но само една е вистинска:
- Да го пушти сега во Хартс за симболично обештетување (ако Шкотите воопшто сакаат).
- Да го казни (да седи на трибини 6 месеци). Ова е најлошата опција. Зошто да се казни играч кој никогаш не покажал непочит кон клубот?
- Да игра и да донесе ДВОЈНА КРУНА!
Ова е најдоброто сценарио. Мато е тука уште 6 месеци. Тој е најдобриот играч на Вардар. Најдобро што може клубот да направи е да го искористи неговиот талент, да ја освои титулата и Купот, и тој да си замие онака како што заслужува – како шампион и легенда на Вардар.



