Екипата на Шкендија е последниот патник во полуфиналето од Купот на Македонија, откако по вистинска фудбалска драма и изведување пенали (4-5) успеа да ја елиминира Струга. Регуларниот дел од натпреварот заврши без победник (2-2), а херој на Тетовци беше Имран Фетаи кој постигна спасоносен погодок во буквално последните секунди од судиското продолжение.
Натпреварот на „Градскиот стадион“ крај езерото понуди сè што еден куп-дуел може да посака – пресврти, прекрасни голови, голема борба и шокантен финиш.
Струга доминираше на стартот, Радески за водство
Домаќините влегоа многу поагресивно во натпреварот. Првата сериозна закана ја испрати Гледи Мици, кој со одличен волеј ја затресе гредата. Притисокот вроди со плод веќе во 13. минута. По одличната комбинација на Фал и Шабани по левата страна, топката беше испратена во петерецот каде Фетаи не реагираше најдобро, а Марјан Радески осамен на втората статива лесно погоди за 1-0.

Влегувањето на Ибраими и ремек-делото на Хамза
Шкендија беше целосно безопасна во првиот дел, а првиот удар во рамките на голот го упати дури во второто полувреме преку Нзенге. Тренерот Јетон Беќири реагираше со внесување на капитенот Бесарт Ибраими, што се покажа како клучен потег. Најдобриот стрелец во македонскиот фудбал во 74. минута доби одлична топка од Красниќи и рутински израмни на 1-1 против својот поранешен клуб.
Сепак, радоста на Тетовци траеше само осум минути. Во 82. минута, Меметриза Хамза изведе вистинско ремек-дело. Иако имаше слободен удар од тешка и коса позиција, тој мајсторски ја префрли топката преку живиот ѕид и ја смести директно во аголот на немоќниот голман Гаје за 2-1.
Шок во 96. минута и пенал-рулет
Кога сите очекуваа крај и славје на стружани, Шкендија не се предаде. По слободен удар на Красниќи длабоко во 96. минута, Трумчи ја префрли топката до Имран Фетаи, кој од непосредна близина ја закова во мрежата за 2-2, носејќи го мечот во пенал-серија.

Во рулетот од белата точка, фудбалерите на Шкендија беа перфектни:
- Струга: Компаоре (погодува), Хамза (погодува), Јевтовски (промашува), Малески (погодува), Бојку (погодува).
- Шкендија: Ибраими (погодува), Красниќи (погодува), Љатифи (погодува со среќа), Трумчи (погодува), Спахиу (погодува).
Познати полуфиналните двојки
Со оваа победа, Шкендија го комплетираше квартетот за завршницата во Купот. Ждрепката сакаше во полуфиналето да гледаме пресметка помеѓу двете екипи со исто име, па тетовска Шкендија ќе ги одмери силите со хитот оваа сезона, Шкендија Арачиново. Во второто полуфинале ќе се соочат екипите на Силекс и Охрид.



