Дувњак искрен за кризата во Кил: „Понекогаш останувам без зборови“

 

Објавено:

Кил минува низ еден од најтешките периоди во својата понова историја. Ракометниот великан се мачи во Бундеслигата, а капитенот Домагој Дувњак отворено проговори за неконстантноста која го носи тимот на работ на провалија.

Моментално петтопласиран во Бундеслигата, со огромни 13 бода заостанување зад лидерот Магдебург, тимот на Кил е пред сериозна закана: трета сезона по ред да остане без пласман во Лигата на шампионите. Долгогодишниот лидер и капитен на хрватската репрезентација, Домагој Дувњак, не крие дека состојбата во соблекувалната е далеку од идеална.

„Можеме да победиме секого, но и да загубиме од секого“

Дувњак во интервју за „Билд“ ги опиша огромните осцилации во играта кои го следат тимот во текот на целата сезона.

„Имам чувство дека можеме да победиме која било екипа, но и да загубиме од кого било“, истакна хрватскиот ракометар.

Иако Кил покажа шампионско лице во дуелите против гигантите како Магдебург и Фленсбург, истите тие настапи се проследени со шокантни киксови против екипи од долниот дел на табелата како Ајзенах, Гумерсбах и Штутгарт.

„Тоа ме боли, бидејќи ни недостасува континуитет. Понекогаш едноставно останувам без зборови“, признава 37-годишниот ракометар.

„Говорот на телото мора да биде поинаков“

Посебно загрижувачки се настапите пред домашната публика, каде екипата честопати влегува без потребната енергија и агресивност. Дувњак посочи на неодамнешното реми (30-30) против Ајзенах пред 10.000 гледачи како пример за недозволив однос.

„Се чини дека секој противник што доаѓа овде верува дека има шанса. Тоа боли. Често влегуваме лошо во натпреварите, а говорот на телото, залагањето и ставот не се на нивото што го бара дресот на Кил. Тие 10.000 луѓе заслужуваат многу повеќе“, предупредува капитенот.

Според него, проблемот е делумно и психолошки, можеби поттикнат од притисокот и стравот од неуспех, но порачува дека нема изговори:

„Овде играњето под притисок е нормална работа. Мораме да го подигнеме нивото и да покажеме едно сосема поинакво лице“.

Европската лига како спас на сезоната

Иако ситуацијата во првенството е тешка, Кил сè уште има шанса да ја спаси сезоната преку Европската лига. Во четвртфиналето тие се среќаваат со Нексе од Нашице, а патот кон трофејот би можел да ги вкрсти со македонскиот претставник РК Вардар, кој е потенцијален противник во следната фаза од ова европско натпреварување.

„Се надевам дека ќе стигнеме до ’Фајнал фор’. Тоа е нашата цел и мораме да покажеме дека можеме да одиграме многу подобро отколку во изминатиот период“, заклучува Дувњак.

Гостинска статија на Марија Петровска

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

 
 

Тазе објавено