Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе ригорозна одлука која одекна како гром во домашната спортска јавност во текот на вчерашниот ден. Најдобриот македонски судиски пар е суспендиран од секаква активност и функција во рамките на ЕХФ во период од две години, со што се доведува во прашање нивната понатамошна меѓународна кариера.
Финансиски казни и строги забрани
Покрај двегодишната забрана за делење на правдата на европските терени, двајцата арбитри се соочуваат и со дополнителни санкции. Поради кршење на Кодексот на однесување на европската куќа на ракометот, тие ќе треба да платат и финансиска казна од по 5.000 евра. Оваа одлука доаѓа по долга процедура и претставува сериозна дамка врз досегашниот углед што овој пар го градеше со децении на најголемите светски и европски ракометни собири.
Ова е несомнено и огромен удар за македонскиот ракометен судиски кадар. Суспендираните судии со години важеа за еден од најдобрите парови во светот, судејќи финалиња на Олимписки игри, светски и европски првенства. Нивното отстранување од големата сцена остава голема празнина, но и отвора сериозни прашања за иднината на македонската правда во меѓународниот ракомет, но и за казнивоста на ЕХФ.
Најдобрите македонски судии веќе беа суспендирани непосредно пред Европското првенство во ракомет, каде како наводна причина се зборуваше за лажирање на снимките за физичката подготвеност.
Последна шанса: Рок од седум дена за жалба
Сепак, правните процедури во Виена сè уште не се комплетно завршени. На македонските судии им останува последната правна алатка – рок од седум дена да поднесат жалба до Апелациониот суд на ЕХФ. Со овој потег тие ќе се обидат да ја оспорат ригорозната одлука или барем да ја намалат казната. Дали ова е дефинитивниот крај на нивната елитна кариера или ќе видиме ненадеен пресврт во овој случај, ќе дознаеме многу брзо.
Гостинска статија на Марија Петровска



