Во македонскиот фудбал секогаш има простор за изненадувања, но дури и најискусните спортски аналитичари не го предвидоа овој „стратешки“ потег. Деновиве, на Македонската берза гордо осамна официјалниот ревизорски извештај на ФК Вардар АД Скопје за 2024 година. Сè изгледа легитимно, бројките се тука, печатите се на број… сè додека не стигнете до фамозната деветта страница.
Ако внимателно зачитате, таму ќе налетате на антологиска реченица: „Овие финансиски извештаи во име на АД ФК СИЛЕКС се усвоени…“, а веднаш под тој кратовски вовед, гордо стои потписот и печатот на, погодувате -> Извршниот директор на ФК Вардар!

Изгледа ревизорската куќа решила дека фудбалот си е фудбал, топката е тркалезна, а билансот е биланс. Зошто да се мачат со пишување нов текст кога старата, добра и проверена „Copy-Paste“ метода од извештајот на Силекс работи беспрекорно? Единствениот мал проблем е што во брзањето очигледно заборавиле на светата тајна на секој канцелариски работник: опцијата „Find and Replace“.
Нормално, Спортска Станица не промашува вакви зицери. Низ чаршијата веќе се отвори вистинска дебата проследена со солзи од смеење. Додека едни се прашуваат: „Ај што ревизорите згрешиле, ама овој нашиот што потпишува на слепо?“, други веќе развиваат теории дека Извршниот директор можеби почнал да работи на две работни места (во Скопје и во Кратово), па му се измешале документите на бирото.
Некои пак, со доза на хумор се прашуваат ако највисокото раководство потпишува вакви сериозни документи без воопшто да го прочита името на клубот, што друго ли поминува низ таа канцеларија? Да не се разбудиме утре со информација дека Вардар по грешка купил пасиште во околината на Кратово?
Едно е сигурно: финансискиот извештај е успешно поднесен, но овој бирократски автогол ќе остане запаметен како најбрзиот (и најбесплатниот) клупски спој во историјата на македонскиот спорт!



