Астон Вила продолжи да испишува историја под водство на Унаи Емери, нанесувајќи му го третиот пораз сезонава на Манчестер Сити и прекинувајќи ја неговата импресивна серија од девет натпревари без пораз. На преполниот “Вила Парк”, домаќините славеа со минимални, но златни вредни 1-0, со што за првпат од далечната 1975 година врзаа три последователни домашни лигашки победи против “Граѓаните”.
Човек на одлука беше десниот бек Мети Кеш, кој во 19. минута со прецизен удар со левата нога од работ на шеснаесетникот го матираше Донарума за ерупција на трибините.
Голот дојде по корнер за кој гостите бурно протестираа, сметајќи дека му претходел фаул, но тоа не ја намалува големата победа на тимот кој игра во неверојатна форма. Сити имаше шанса за брзо израмнување, но ударот на обично непогрешливиот Ерлинг Халанд го одбрани фантастичниот Емилијано ‘Еми’ Мартинез. Норвежанецот во финишот постигна и гол, но тој беше поништен поради офсајд, што беше само круна на фрустрирачката вечер за тимот на Пеп Гвардиола.
Оваа победа е четврта во низа за тимот на Емери во Премиер лигата, што е неверојатен подвиг ако се знае дека сезоната ја почнаа со шест натпревари без триумф. Со тоа, Астон Вила стана првиот тим во историјата на англискиот фудбал по Престон во сезоната 1936/37, кој по пет меча без победа на стартот, успеал да врзе четири победи по ред. Цврстата одбрана предводена од Езри Конса и Пау Торес, со Амаду Онана како бедем пред нив, беше клучот за неутрализирање на моќниот напад на шампионот.
За Манчестер Сити, ова е пропуштена шанса да се искачи кон врвот на табелата, со што паднаа на петтата позиција, шест бода зад лидерот Арсенал. Ова беше само втор натпревар сезонава во кој Халанд не успеа да постигне гол за клуб или репрезентација, доказ за одличната тактичка поставеност на шпанскиот стратег на клупата на Вила.
Унаи Емери го прослави својот тригодишен јубилеј на клупата на најдобар можен начин, претворајќи го “Вила Парк” во неосвоива тврдина и испраќајќи порака до цела лига дека неговиот тим е подготвен за најголеми дострели.


