Астон Вила се наоѓа на само еден чекор до прекинување на 30-годишниот пост за голем трофеј, откако синоќа со убедлива игра ги уништи надежите на Нотингем Форест за пласман во финалето на Лигата на Европа. По минатонеделниот пораз од 1-0 во првиот меч, избраниците на Унаи Емери на домашен терен славеа со високи 4-0 (вкупни 4-1) и обезбедија билет за големото финале во Истанбул.
Пресврт во режија на Воткинс и Мекгин
Пред очите на својот најпознат навивач, принцот Вилијам, Астон Вила доминираше во текот на целиот натпревар. Оли Воткинс ја започна серијата во 38. минута, израмнувајќи го вкупниот резултат по центаршутот на Буендија. Клучниот момент за пресврт во серијата се случи по паузата, кога судијата Глен Ниберг по ВАР прегледот досуди пенал поради прекршокот на Миленковиќ врз Пау Торес, кој Еми Буендија прецизно го реализираше за 2-0. Точка на натпреварот и голем триумф на домаќините стави капитенот Џон Мекгин со два брзи гола во финишот на средбата.
Емери оди по својата петта круна
Унаи Емери уште еднаш потврди дека е „крал“ на ова натпреварување. Шпанскиот стратег ќе го нападне својот петти трофеј во Лигата на Европа, а доколку успее во тоа на 20 мај против Флајбург, не само што ќе му го донесе на клубот првиот голем пехар по 1996 година, туку и директно место во Лигата на шампионите. Интересно е што доколку Вила остане петта во Премиер лигата и го освои ова натпреварување, место во елитата ќе обезбеди и шестопласираниот тим, што во моментов е Борнмут.
Разочарувачки крај на европската бајка на Форест
Нотингем Форест, кој за првпат по 30 години играше на европската сцена, не успеа да го одбрани тешко стекнатото водство од првиот меч. Без својот главен креативец Морган Гибс-Вајт, кој поради повреда на главата започна од клупата, „шумарите“ делуваа безидејно во нападот. Крис Вуд беше отсечен, а играчи како Елиот Андерсон, кои доминираа во првиот дуел, синоќа беа само „патници“ на теренот. И покрај болниот пораз, оваа сезона за тимот на Витор Переира останува историска, со оглед на тоа што по борбата за опстанок стигнаа до европско полуфинале.
Вила сега се подготвува за дуелот со Фрајбург, кој го елиминираше тимот на Брага со вкупни 4-3, во натпревар кој за клубот од Бирмингем може да означи нова златна ера.



