Топката на „Енфилд“ штотуку започна да се тркала во последното коло против Брентфорд, но резултатот денес веќе е во втор план. Целиот стадион е на нозе, преплавен со емоции, знамиња и транспаренти. Сонцето над Мерсисајд го означува почетокот на последните 90 минути од една епска ера – Ливерпул и дефинитивно се збогува со Мохамед Салах и Енди Робертсон.
Поклонот пред „Копот“ и симболичниот почеток
Менаџерот Арне Слот покажа апсолутен респект кон клупските легенди и ги вклучи двајцата во стартниот состав за последен пат да ја почувствуваат магијата на култната трибина.
Голема сигурност за тимот во овие емотивни моменти е и враќањето на првиот голман Алисон Бекер, кој се опорави од повредата и започна меѓу стативите.
Официјалниот состав на теренот: Алисон, Ван Дајк, Конате, Собослаи, Мек Алистер, Салах, Џонс, Gакпо, Робертсон, Гравенберх, Нгумоха.
Заминувањето на кралот кој ги сруши сите граници
Денешниот натпревар означува предвремена абдикација на „Египетскиот крал“. Иако имаше договор на уште една година, Салах и раководството на клубот се договорија за предвремено раскинување на соработката на крајот од оваа сезона. Заминува по девет години минати во редовите на Ливерпул, каде од првичен аутсајдер израсна во еден од најголемите на сите времиња.
Зад него останува застрашувачка статистика од 257 голови и 119 асистенции на 35.326 минути поминати на теренот. Тоа значи директен придонес во гол на секои 94 минути! Во историјата на Ливерпул пред него се само недостижните Иан Раш и Роџер Хант. Со вкупно 193 првенствени погодоци, Салах си оди како најефикасниот странец кој некогаш играл во Премиер лигата.
Навивачите вечно ќе го паметат по нестварното напаѓачко трио со Мане и Фирмино кое го освои целиот свет, неговиот Пушкаш-гол против Евертон, слаломот против Манчестер Сити и фактот што од „Олд Трафорд“ направи сопствено игралиште. Неговиот успех беше резултат на вонземска војничка дисциплина – ледени бањи, бадемово млеко и редовна медитација.
Тешка сезона и скршени односи во соблекувалната
Зад Салах е веројатно најтешката година во кариерата. Тимот беше емотивно скршен по трагичната смрт на соиграчот Диого Жота минатото лето, настан кој изнуди солзи кај Египќанецот пред култниот „Коп“.
Дополнително, односите со новиот кормилар Арне Слот се затегнаа до точка на пукање во декември, кога по 53 последователни старти во Премиер лигата, Салах беше преселен на клупата за резерви на три меча по ред. Тој момент јасно сигнализираше дека приказната е при крај. Денес против Брентфорд се затвора последното поглавје. Енфилд е подготвен за последен пат да се поклони пред својот крал.



