Гостински текст специјално за Спортска Станица
Ракометна Битола отсекогаш била барометар за тоа како дише македонскиот ракомет. Но, во последно време, воздухот во градот на конзулите некако како да стои. Додека ривалите како Вардар, Алкалоид и Охрид забрзано се градат, се екипираат и растат од сезона во сезона, актуелниот трикратен шампион како да притисна на кочницата. Дали навистина сведочиме на стагнација која трае речиси две години или раководството има план кој никој друг не го гледа? Битолската ракометна јавност одамна покажа дека не е наивна и многу добро ги чита потезите меѓу редови.
Игнорирани аларми и „Платформа” што заглави во место
Проблемите не се од вчера и тие почнаа да стануваат очигледни уште од минатата полусезона. Иако минатата сезона некако среќно се истурка до крај, а во последниот меч се одигра машки против Вардар во Скопје за да се освои титулата, тој тежок расплет како никој да не го виде како сериозен аларм кој бара акција. Управата не реагираше навреме, па денешниот пад на Пелистер е веќе очигледен. Дали растот на конкурентите конечно ќе биде предизвик за битолчани да променат нешто и да го спречат слободниот пад?
Да се вратиме малку наназад, на 29 ноември 2019 година, на голема радост на битолчани, беше потпишан договорот меѓу Еурофарм и Општина Битола, таканаречен „Платформа за ракометна Битола”. Планот за следните четири години беше јасен: враќање на Пелистер на врвот, освојување титули, настапи во Лигата на шампионите, но и КОНТИНУИРАН раст на клубот.
И навистина, титулите дојдоа, но, како да заминуваат веќе… Се заигра и во Лигата на шампионите (иако резултатски тимот на моменти како да служеше повеќе како статистичка категорија за поправање на гол-разликата на одредени клубови). Но, што потоа? Клубот веќе скоро две години стои во место. Платформата од 2019 се продолжуваше, се вбризгуваа и финансиски „инекции” од Општината со надеж за подигнување на клубот на повисоко ниво, но од тоа ПОВИСОКО ниво засега нема ниту „П”
Историјата избришана во три минијатурни реда
За да разберете како еден систем (не) го почитува брендот што го преземал, доволно е да ја отворите официјалната веб-страница на клубот. Во делот „Клуб”, историјата на можеби најстариот и најкултниот македонски ракометен колектив, клуб кој произвел безброј ракометни репрезентативци и испишал златни страници во македонскиот ракомет, е сведена на едвај три реда текст:
„На ден 29.11.2019 во општина Битола беше потпишан договорот ,,ПЛАТФОРМА ЗА РАКОМЕТНА БИТОЛА”, со што и официјално Битола го доби клубот РК Еурофарм Пелистер.
Договорот го потпишаа претставници на двата клуба и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска во просториите на Општина Битола. Еурофарм Пелистер ќе биде водечкиот клуб со високи европски амбиции, а Еурофарм Пелистер 2 клуб исполнет со млади ракометари и таленти од Битола и цела Македонија”.

Веднаш под ова, следува малку пообемен текст за историјата на РК Еурофарм Работник (формиран во 2011 година). Ова не е само технички пропуст, ова е еден вид понижување на брендот Пелистер. Да замижиш пред децениската историја на битолскиот гигант и да го претставиш само како продукт на фузија од 2019 година, е недозволиво за сериозен европски проект. Зачудувачки е како јавноста воопшто не реагира на ова нешто. А кога сме кај веб сајтот – каде е Еурофарм Пелистер 2? Зошто, ако веќе го нема тука, освен низ некои дневни вести, нема барем свој посебен сајт ?
Управување: Помеѓу „магични” спонзори и отсуство на одговорност
Од 2019 година до денес, поминаа цели седум години. За седум години, раководството не успеа (или можеби не сакаше?) да привлече барем уште еден капитален спонзор кој ќе го крене клубот неколку скалила погоре.
Е да… Спонзорите не доаѓаат “магично”… Туку, конкурентите напредуваат поради макотрпна работа, стратегија и создавање здрава спортска клима каде корпоративниот сектор самиот сака да биде дел од успешна приказна. Нема магија, има само стручен менаџмент. Зошто во Пелистер од 2019 година до денес не е доведен ниту еден таков спонзор? До работата и до компетентноста е, или до магијата?
Тука се наметнува едно суштинско, системско прашање: Дали по секоја цена одговорните лица на главниот спонзор мора да ја сочинуваат и управата на клубот?
Легитимно е и за поздравување што тие го презедоа товарот, за да се стабилизира клубот кога беше најтешко. За тоа, голема благодарност и секоја чест, бидејќи во 2019-та година клубот беше пред згаснување.
Но, потоа, по логиката на нештата, управата треба да се надградува. Потребно е да дојдат нови, стручни луѓе, кои се пред сè образовани и потковани за такви позиции. Зошто никој во клубот не презема одговорност за лошите резултати? До толку ли системот е безгрешен, па никој да нема доблест да се признае понекогаш грешка за лоша одлука или промашен трансфер или било што и на крајот да поднесе оставка за да отстапи место на некој што клубот ќе го подигне на повисоко ниво?

Тренерска вртелешка и парадоксот на „вечните” помошници
Наместо одговорност во управата, цехот редовно се наплаќа на клупата. Тренерите не се задржуваат долго, и се менуваат речиси на секои неколку месеци, без разлика дали имале успех или не. Но, што реално може да направи еден нов шеф на стручен штаб кога ќе дојде во нова средина и ќе затекне играчи кои веќе се тука, без да донесе засилувања по негова желба? Веднаш тој станува дежурен виновник и си заминува.
Дополнителен парадокс е што главните тренери се менуваат, а нивните помошници се „вечни”. Никој не вели дека моменталните помошници се лоши или дека не работат доволно, но во сите професионални клубови низ Европа, логиката вели дека новиот главен тренер си носи свој стручен штаб со кој гарантира за својот систем и резултатите. За жал тоа во Пелистер не е пракса. Се ротираат само главните тренери, додека структурата под нив останува иста. Со таков пристап, не може да се очекува поголем напредок.
Остануваме со ростер каде просечни странски засилувања веќе мака мачат да се носат со „големата тројка” (Вардар, Алкалоид, Охрид). Додека Вардар беше во криза, Алкалоид неискусен, а Охрид во изградба – Пелистер доминираше во лигата. Сега, кога конкуренцијата се разбуди, излезе на виделина фактот дека битолчани го достигнале својот плафон и дека во моментов, без освежување во структурите, едноставно не се способни за повеќе од ова.
Илузија на совршенство: Блокирање на реалноста
Кога навивачите и симпатизерите ќе го забележат сето ова, логично е да реагираат. Кога фрустрацијата од поразите ќе порасне, социјалните мрежи стануваат главен вентил. Но, клубот најде „иновативно” решение за тоа – цензура.
Администраторите ги блокираат симпатизерите кои изнесуваат критики, а по поразите се исклучува опцијата за коментирање. Да се разбереме и да бидеме јасни: доколку станува збор за коментари кои се несоодветни, содржат вулгарности, лични навреди или повикуваат на лоши работи, тогаш ние сме први кои поддржуваат таквите да бидат бришени и блокирани. Тоа е основна спортска култура.
Но, кога се брише спортска и издржана критика, што ни кажува тоа? Дека некој во клубот не поднесува поинакво мислење? Дека гласот на публиката, поради која се игра ракометот, е непожелен ако не е само пофалба? Тој што не може да поднесе критика, никогаш нема да порасне. Со блокирање на критиките на интернет, не се решаваат проблемите на паркетот.

Подадена рака за доброто на македонскиот ракомет
Ова не е текст напишан за да руши некого лично, туку за да освести и да помогне клубот да биде подобар. Пелистер е од витално значење за македонската репрезентација и за целокупниот македонски ракомет. Не смее да се дозволи да се изгуби жарот на најголемото спортско дерби. Доколку Вардар стане пресилен, а Пелистер не го прати чекорот (или обратно) – тоа воопшто не е убаво за македонскиот спорт. Тие секогаш биле, се и ќе бидат најголеми ривали, но само на теренот. Без нив, нема вистинска македонска лига и репрезентација.
Секако, тука не смеат да се заборават ниту Алкалоид, Охрид, Тиквеш, Бутел и останатите клубови кои го подигнуваат нивото. Но, токму затоа, во овој момент треба да му се помогне на Пелистер. За клубот да се издигне на едно повисоко, вистинско европско ниво, неопходна е свежа крв во управата. Потребни се нови, квалитетни професионалци и спортски работници кои имаат капацитет да го понесат товарот и да го водат клубот уште посилно напред на уште едно повисоко ниво. Да направиме како јавност позитивен притисок за клубот да добие нови капитални спонзори за да може да продолжи по патот по кој тргна. Зошто да немаме повторно два ракометни великани кои ќе играат во Лигата на шампионите?
Ние подаваме рака за помош на начин на кој најдобро можеме. Критиката е здрава за сè во животот, бидејќи без неа многу лесно се забегува од вистинските патеки. Време е за суштински промени, професионализација и отворање на вратите, бидејќи ракометна Битола и Македонија заслужуваат европски ракометни гиганти, а не проект кој е заглавен во сопствената самодоволност.



