18.8 C
Skopje

Еволуцијата на патиките во спортската култура: Од атлетика до урбан стил

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Патиките ја започнаа својата приказна како едноставна атлетска обувка, но оттогаш еволуираа во неизбежен дел од секојдневието на модерната поп култура.

Веќе одамна патиките ја надминаа својата оригинална намена како скромен додаток на спортската опрема на атлетичарите и прераснаа во нешто што има сопствен културен идентитет.

Оригинално, патиките биле создадени за да обезбедат поддршка и удобност при извршување на спортски физички активности. Но, нивната трансформација не е одраз само на модата или маркетинг трендовите, тоа е рефлексија на еволуцијата на динамиките во културните вредности, технолошкиот напредок и економските фактори.

ПРВИТЕ ПОЧЕТОЦИ: Раѓањето на патиките

Скромните почетоци на патиките се уште во доцниот 19-ти и раниот 20-ти век, период кој е познат по забрзаниот раст на индустриите и промената во социјалните фактори. Во овој период луѓето почнале да го сфаќаат спортот посериозно, барајќи соодветна опрема која ќе понуди удобност и подобрување на атлетските перформанси.

Извор: https://shoewash.ca

Првите верзии на патиките вклучувале едноставен дизајн – гумена подлога и платнен горен дел. Првичната нивна намена била да им обезбеди заштита од лизгање и флексибилност на различни терени на спортистите. Самото име (sneaker), произлегува токму од тоа што патиките овозможувале потивко движење на спортистите, наспроти гласните кожни обувки кои ги носеле дотогаш.

Една од првите компании кои успеале во капитализирање на овој пазар е американската компанија “U.S. Rubber Company”, која во 1916 година ги претставила патиките Кедс, кои биле рекламирани како идеална обувка за спортистите, нагласувајќи ја нивната трајност и удобност. Околу истиот тој период, “Converse” ги преставиле “All Star” – патиките кои потоа ќе станат дел од историјата, не само на спортот, туку и на модерната култура.

Во првите години од нивното појавување, патиките имале строго функционална намена. Тие биле парче опрема која помага за поддршка на атлетските предизвици, наместо модна икона. И токму овој фокус се смета како основа за нивната трансформација, бидејќи задржувањето на удобноста и практичноста на патиките прерасна во вистинска спортска култура, преминувајќи постепено од различните спортски терени во употребата во секојдневниот живот.

ПОДЕМОТ НА КУЛТУРАТА НА ПАТИКИTE ВО СПОРТОТ

Од едноставна функционалност, патиките прераснаа во нешто што е круцијален дел од спортската култура и дел од највпечатливите моменти во спортот.

Еден од моментите кој се смета за најважен во целата приказна е Олимпијадата во 1936 година. Тогаш, основачот на компанијата “Adidas”, Ади Даслер, лично ги направил патиките за легендарниот спринтер Џеси Овенс, кој тогаш освоил 4 златни медали. Овој настан не само што ја покажал потребата за професионална спортска опрема, туку воедно докажал и дека патиките се интегрален дел од достигнувањето на врвните спортски резултати.

Како минуваа годините, патиките растеа и се развиваа заедно со спортистите, со секоја истрчана трка, со секој скок под кошот, со секое дриблање на фудбалските терени. До средината на 20-от век, врвните спортски ѕвезди почнаа да се поистоветуваат со одредени модели на патики.

Овој феномен, на пример на кошаркарските терени, зазема една сосема нова димензија кога Мајкл Џордан ја лансираше легендарната линија на “Air Jordan” патиките во средината на 80-тите години. Џордан не продаваше само производ, продаваше кошаркарско наследство проткаено во стилски, посакувани патики. Оваа линија на патики стана толку популарна, што “Nike” создаде под-бренд од тој модел.

Покрај личните промоции од страна на спортистите, и самите големи спортски натпреварувања станаа еден вид на модна писта за најновите иновации во индустријата. Производителите на патики почнаа да ги гледаат овие настани како златна шанса за рекламирање на новата технологија, од подлога полна со воздух до вметнување на честички за враќање на енергијата. Овие технолошки напредоци не беа само за подобрување на перформансите на спортистите, туку и за создавање на еден целосен спектакл околу спортистите кои ги носеа патиките за време на нивните најголеми успеси.

Кога ќе ги погледнеме сите оние легендарни фотографии низ историјата, станува јасно дека културата на патиките во спортот не е само за самата обувка, туку за приказната која е поврзана со нив. Совршениот микс на функционалност, лични достигнувања и стил помогна патиките самоуверено да преминат од спортските сали и терени во мејнстрим културата и уличната мода.

Главната преодна точка кога патиките преминаа од спортот во мејнстрим употреба се случи во доцниот 20-ти век. Овој период е значаен по тоа што патиките почнаа да се перцепираат многу повеќе од само спортска обувка, преминувајќи во симбол на идентитет и еден начин на изразување на личниот стил за обичниот народ.

Главните “виновници” за ова во тој период беа медиумите и промоцијата од страна на славните личности. Телевизијата одигра можеби најголема улога во тој период, бидејќи спортските настани почнаа да заземаат голем дел од медиумскиот простор, а гледачите не ги интересираа само резултатите, туку и целосниот изглед и опрема поврзани со одреден спортист.

Младите луѓе почнаа да се поистоветуваат со овој тренд, најмногу со порастот на хип-хоп музиката и скејт културата, правејќи ги патиките неизоставен дел од уличната култура за време на 1980-те и 1990-те години. Легендарните изведувачи како Run DMC ги промовираа “Adidas Superstar” патиките, не само со носење во музичките спотови, туку и спомнувајќи ги истите во своите песни.

Слично на тоа, скејт културата ги присвои патиките поради нивната функционалност и изглед, влијаејќи на еден поопуштен моден стил. Брендовите како “Vans” и “DC Shoes” се промовираа како издржливи и стилски, нудејќи ја потребната флексибилност за скејтерите да можат да ги изведуваат своите трикови. Оваа субкултура не само што ги зголеми продажбите, туку и ја оформи новата естетика на улиците, ставајќи предност на удобноста и дизајнот надвор од скејтерскиот свет.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено