Претседателот и извршен директор на Формула 1, Стефано Доменикали, упати јасна порака до падокот во Бахреин: „Не паничете!“. Иако новите правила за 2026 година се под силен оган од критичарите, првиот човек на „најбрзиот циркус“ тврди дека спектаклот е загарантиран, а ако нешто тргне наопаку ФИА е подготвена да реагира „во лет“.
Верстапен остар: „Како Формула Е на стероиди“
Најгласен во критиките е актуелниот шампион Макс Верстапен. Според него, новите болиди кои работат на принципот 50/50 (бензински мотор наспроти електрична енергија) го убиваат тркачкиот дух. Потребата за постојано полнење на батеријата ги принудува возачите да возат побавно низ одредени свиоци, што Макс брутално го опиша како „анти-трки“.
Доменикали: „Ќе имаме неверојатни трки“
Доменикали, кој веќе имаше „конструктивен“ разговор со Верстапен, смета дека е премногу рано да се носат заклучоци пред воопшто да ја видиме првата трка во Мелбурн на 8 март.
„Не разбирам од каде доаѓа сета оваа паника. Ќе имаме неверојатни трки и многу акција. Мојот стил е секогаш да бидам претпазлив, но кредибилитетот на овој спорт е во тоа што секогаш можеме да седнеме со техничките луѓе и ФИА и да најдеме решенија ако нешто не е како што сакаме“, изјави Доменикали.
Предизвикот наречен Австралија
Шефот на Мекларен, Андреа Стела, и ѕвездата на Ферари, Шарл Леклер, веќе предупредија дека претекнувањето би можело да биде вистински предизвик оваа сезона. Новиот Boost mode треба да помогне, но патеката „Алберт Парк“ во Мелбурн, со своите долги и брзи секции, ќе биде најтешкиот можен тест за тоа како моторите ја собираат и трошат енергијата.
ФИА нема да „сече преку колено“
И покрај предлозите за итни измени во менаџирањето со енергијата, Николас Томбазис од ФИА потврди дека е тешко да се очекуваат промени пред стартот во Австралија.
„Реално е тешко да смениме нешто пред Мелбурн. Не мислиме дека ‘пациентот е во критична состојба’. Имаме добар производ, но сакаме да ги анализираме сите повратни информации. Ова е долга игра, не се работи само за една или две трки“, објасни Томбазис.



