Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, упати силна и официјална поддршка за иницијативата Јужната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ да биде именувана по легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов.
Оваа поддршка доаѓа како одговор на официјалната иницијатива поднесена од ФК Вардар до Владата и државните институции за овековечување на името на еден од најголемите симболи во македонската спортска историја.
„‘Фудбал под сенка‘ е неговата биографија, но името на Васил Рингов не смее да остане во ‘сенка’!“, истакна Омерагиќ во својата порака, додавајќи дека фудбалерите кои оставиле неизбришлива трага заслужуваат трајна почит, признание и сеќавање.
Зошто токму Јужната трибина?
Изборот токму Јужната трибина да го носи неговото име е длабоко поврзан со една од највпечатливите анегдоти од неговата кариера. Поранешниот соиграч на Рингов, Ѓоре Јовановски, се потсетува на неговиот специфичен ритуал: тој секогаш барал од капитените да ја изберат јужната страна на теренот бидејќи таму секогаш имало сенка, а тој претпочитал да игра во неа наместо на сонце.
Наследството на мајсторот со број 11
Васил Рингов остави длабок печат во македонскиот фудбал, особено во дресот на Вардар, за кој одигра над 200 натпревари и постигна 97 голови. Тој беше клучен дел од легендарната шампионска генерација од сезоната 1986/87 и заедно со Дарко Панчев го сочинуваа еден од најубоитите напаѓачки тандеми во поранешна Југославија. Во чест на неговиот придонес, ФК Вардар веќе донесе одлука за повлекување на дресот со неговиот број 11.
Официјалното стоење на ФФМ зад овој предлог претставува значаен чекор кон реализација на идејата која првично беше најавена на декемвриската комеморација. Со ова, името на Рингов ќе одекне засекогаш во срцето на арената каде ги помина најубавите моменти од својата кариера.




