Во пресрет на новата натпреварувачка сезона во македонскиот фудбал, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Хелсиншкиот комитет за човекови права започнаа заедничка кампања под мотото “Игра без говор на омраза”.
Целта на оваа иницијатива е да се подигне свеста кај сите актери во фудбалот, од играчите на теренот до навивачите на трибините, за потребата од фер-плеј, почит и елиминирање на говорот на омраза од спортските настани.
“Спортот треба да гради мостови, не ѕидови. Да обединува наместо да дели. Да навиваме, без говор на омраза”, е клучната порака од кампањата.
Со оваа иницијатива, двете организации испраќаат јасна порака дека фудбалот треба да биде игра која обединува, а не која дели, и дека за било каква форма на омраза, дискриминација и насилство, нема место на фудбалските терени.