ФФМ возвраќа на ударот: „Не подлегнуваме на притисоци, вие сте најзаштитениот клуб!“

 

Објавено:

Попладневното соопштение на ФК Шкендија, во кое тетовскиот клуб изрази незадоволство од судењето, се закани со повлекување и обвини за фаворизирање на Вардар, експресно доби официјален одговор. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) излезе со остра реакција, отфрлајќи ги обвинувањата како обид за создавање теории на заговор и барање алиби за загубените бодови.

„Барање алиби кога резултатите не одат во прилог“

Од ФФМ истакнуваат дека Шкендија статистички е еден од најзаштитените клубови оваа сезона во ПМФЛ и дека немало сериозна судиска грешка на нивна штета. Според федерацијата, тетовци реагираат само кога не победуваат.

„ФК Шкендија денеска се јави со добро познатото соопштение – кога ќе се загубат бодови, виновни се судиите, федерацијата или тревата. Тоа не претставуваше проблем додека резултатите одеа во нивна корист. Како лани на пример, кога токму скандалозните судиски одлуки на натпреварот со Тиквеш им овозможија да стигнат до титулата. Денеска, по ремито со Брера, повторно се бара алиби“, се вели во соопштението на ФФМ.

Федерацијата додава дека истите тие судии неодамна „дозволиле“ Шкендија да победи во Кратово во последната минута и да го совлада Вардар во Скопје, без тогаш да има поплаки од нивна страна. Исто така, потенцираат дека Силекс воопшто не се пожалил на судењето на денешниот меч со Вардар, кој беше споменат во соопштението на Шкендија.

Инциденти, скалпели и критика до раководството

Во својата реакција, ФФМ потсетува на неодамнешните немили сцени во Тетово, критикувајќи го молкот на клубот кога официјалните лица беа нападнати.

„Интересно е и што од Тетово немаше ниту збор реакција кога на нивниот стадион судиите беа гаѓани со скалпел и погодени со метални пари и запалки. Тогаш, очигледно, немаше потреба од соопштенија и загриженост за судиската заштита“.

Куќата на фудбалот директно го посочува клупскиот двоец, Љуљзим Имери и Бесник Ибраими, како креатори на ова соопштение. Федерацијата смета дека сериозен спонзор како „Еколог“ заслужува поодговорно раководење, а не комуникација која се сведува на ароганција и „поглед од горе“ кон останатите во лигата.

„Слободно одете во УЕФА“

На најавите на Шкендија дека за случувањата ќе ги информира меѓународните институции, од ФФМ порачаа дека дури и ќе им помогнат во таа намера.

„Кога веќе најавуваат дека ќе се обратат до УЕФА, слободно. Ќе помогнеме и во таа намера и ќе ја доставиме целата статистика и видео анализа од натпреварите на Шкендија, па нека се види колку навистина е ‘оштетен’ клубот од Тетово“.

За крај, ФФМ порача дека нема да подлегне на вакви обиди за притисок и дека правилата важат за сите еднакво, без привилегирани и недопирливи клубови во македонскиот фудбал.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено