Остри реакции од Шкендија по 22-то коло: Бараат интервенција од УЕФА и се закануваат со повлекување од ПМФЛ!

 

Објавено:

Драматичните настани во 22-то коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) предизвикаа бура од реакции. Откако Шкендија одигра реми со АП Брера (1-1) на домашен терен, а Вардар славеше над Силекс во Кратово (0-1), тетовскиот клуб излезе со жестоко соопштение во кое отворено се сомнева во регуларноста на првенството и директно ја обвинува Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за фаворизирање на скопскиот ривал.

Спортска Станица, во рамките на својата определба за објективно информирање, ги пренесува ставовите на ФК Шкендија, задржувајќи целосна неутралност во врска со изнесените тврдења.

Шкендија: „Инвестициите ни се доведени во прашање, ќе ја известиме УЕФА“

Во официјалното соопштение објавено на нивната веб-страница и социјалните мрежи, раководството на Шкендија наведува дека „скандалозните судиски одлуки“ сериозно го нарушуваат интегритетот на натпреварувањето. Клубот потенцира дека нивните повеќегодишни приватни инвестиции во македонскиот фудбал може да бидат прекинати доколку ваквиот третман продолжи.

„Долго време избравме да молчиме, верувајќи дека одговорните институции ќе рефлектираат и ќе преземат мерки за гарантирање на правдата во првенството. За жал, она што се случи денеска на двата натпревари од 22. коло во ПМФЛ (Шкендија-Брера и Силекс-Вардар) е последната граница. Скандалозните одлуки на судиите, кои постојано го фаворизираат КФ Вардар, сериозно го оштетуваат интегритетот на натпреварувањето и создаваат опасна перцепција за тоа како се администрира она што треба да се нарече ‘елитен шампионат’ од страна на Фудбалската федерација на Македонија,“ стои во соопштението на Шкендија.

Од клубот додаваат дека нивниот молк досега бил толкуван како слабост, нагласувајќи дека нивните финансии се резултат на приватен труд и жртва, а не државни или општински пари.

„Доколку продолжи овој нееднаков пристап кон натпреварувањето, со скандалозни судења, ние ќе бидеме принудени сериозно да го доведеме во прашање продолжувањето на нашите инвестиции во оваа средина. Истовремено, за сите настани, текот и случувањата во нашето првенство ќе ги информираме меѓународните институции, вклучително и УЕФА. Фудбалот мора да се решава на теренот, а не на маса,“ заклучуваат од тетовскиот клуб.

Емурлаи: Мораме да ја држиме главата горе

Покрај официјалното соопштение на клубот, изјава по натпреварот со АП Брера даде и помошниот тренер на Шкендија, Бурхан Емурлаи (кој го водеше тимот поради суспензијата на шефот на стручниот штаб, Јетон Беќири). Шкендија остана со играч помалку уште во 16. минута поради црвениот картон на Фетаи, но сепак водеше сè до 95. минута кога прими израмнувачки погодок.

„Без сомнение ова е непосакуван резултат за нас. Овие два бода што ги загубивме мора да се надополнат во следните натпревари, бидејќи имаме уште 11 дуели. Фудбалерите го дадоа својот максимум, бевме со играч помалку на теренот, се обидовме да извлечеме победа до самиот крај, но примивме гол во финишот. Тоа е фудбалот, мораме да ја држиме главата горе,“ изјави Емурлаи.

По 22 одиграни кола, разликата на врвот на табелата меѓу првопласираниот Вардар и второпласираната Шкендија сега изнесува три бода (55 наспроти 52).


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено