По долгогодишни правни битки и силен отпор од навивачите, се чини дека ФИФА е подготвена да го официјализира „извозот“ на домашното првенствено фудбалско шоу низ светот. Според нацрт-предлогот на 15 страници до кој дојде „The Athletic“, светската куќа на фудбалот подготвува нови правила кои ќе им дозволат на лигите да играат официјални мечеви надвор од нивните матични територии.
Сепак, за да се избегне целосен хаос и „џунгла“ на пазарот, ФИФА планира строги ограничувања и специфични услови кои лигите ќе мора да ги исполнат.
Правило „1+5“ и реципроцитет
Главниот предлог е секоја домашна лига (како Ла Лига или Серија А) да биде ограничена на само еден натпревар во странство по сезона. Од друга страна, земјите домаќини (како САД, Саудиска Арабија или Австралија) нема да смеат да угостат повеќе од пет такви „туѓи“ првенствени натпревари годишно.
ФИФА воведува и еден многу интересен услов – реципроцитет. Доколку, на пример, Ла Лига сака да го игра дербито помеѓу Барселона и Виљареал во Мајами, тие ќе мора да му овозможат на американскиот МЛС да организира свој натпревар во Мадрид.

Строги услови за одобрување
Процесот за добивање дозвола нема да биде нималку лесен. Лигите ќе мора да аплицираат најмалку шест месеци однапред, а ќе им биде потребно „зелено светло“ од:
- Нивната национална федерација и конфедерација (на пр. УЕФА).
- Федерацијата и конфедерацијата на земјата домаќин.
- ФИФА, која го задржува правото на последен збор.
Покрај бирократијата, клубовите ќе мора да поднесат детални планови за заштита на здравјето на играчите од долгите патувања, како и финансиски план за обесштетување на навивачите кои ќе го пропуштат домашниот натпревар или помош за тие што сакаат да отпатуваат со тимот.
Суперкуповите остануваат исклучок
Овие нови ограничувања нема да се однесуваат на националните Суперкупови. Натпреварите кои традиционално ја отвораат сезоната меѓу шампионот и освојувачот на Купот веќе со децении се играат во странство (Италија и Шпанија често играат во Саудиска Арабија), и таа пракса ќе продолжи без лимити.

Зошто ФИФА го прави ова сега?
Претседателот Џани Инфантино сака да воспостави „заштитна ограда“ за да спречи ситуација во која „само најсилните преживуваат“. Минатата година пропаднаа два големи обиди: Барселона – Виљареал во Мајами и Милан – Комо во Перт (Австралија). Иако федерациите дадоа дозвола, притисокот од навивачките групи и политичарите во Европа, како и загриженоста за заморот на играчите, ги стопираа овие планови.
Сепак, со оглед на огромниот финансиски интерес, јасно е дека прашање на време е кога некој официјален меч од Серија А или Ла Лига ќе се одигра на друг континент. Ла Лига веќе изјави дека останува „внимателна и убедена во значајната можност“ која ја нуди овој модел.



