Колумбиската мегаѕвезда Шакира уште еднаш потврди зошто ја сметаат за незаменлив симбол на најголемите спортски настани. На само еден месец пред почетокот на Светското првенство во фудбал 2026, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, пејачката ја претстави својата нова химна насловена како „Dai Dai“.
Ова е четврти пат како Шакира има клучна музичка улога на Мундијалите, а новата песна доаѓа како вистинско освежување по контроверзите околу претходно промовираната тема. Па, многумина прокоментираа дека враќањето на Шакира после 16 години е обид на ФИФА да направи да заборавиме на претходната лоша песна, како и сите контраверзии околу Мундијалот.
Спектакуларна најава од „Маракана“
Шакира на социјалните мрежи објави едноминутно видео снимено на култниот стадион „Маракана“ во Бразил, каде ја најави својата нова соработка со нигерискиот пејач Burna Boy. Во видеото, пејачката е опкружена со танчери облечени во боите на репрезентациите кои учествуваат на првенството, а симболично се прикажани и официјалните топки од Мундијалите во 2006, 2010 и 2014 година.
Целосната верзија на песната ќе биде објавена во четврток, 14 мај, и се очекува веднаш да стане нов глобален хит кој ќе го одбележи ова лето.
From Maracaná Stadium, here is “Dai Dai,” the @FIFAWorldCup Official Song 2026. Coming 5/14. We’re ready! ⚽️🐺 @burnaboy pic.twitter.com/UcfpO0s7jN
— Shakira (@shakira) May 7, 2026
Музичко „спасување“ на турнирот?
Интересен е моментот на објавување на оваа песна, со оглед на тоа што претходно како официјална мелодија беше промовирана „Lighter“ на Jelly Roll и Carin León. Лошите критики од навивачите за таа песна поттикнаа шпекулации дека ФИФА и организаторите решиле да го активираат својот најсилен адут – Шакира, за да го поправат впечатокот во пресрет на отворањето на 11 јуни.
Историја на успеси
Со „Dai Dai“, Шакира ја продолжува својата неверојатна низа на светските првенства:
- 2006 (Германија): Изведба на „Hips Don’t Lie“ на затворањето.
- 2010 (Јужна Африка): Официјалната химна „Waka Waka (This Time for Africa)“, која стана една од најслушаните песни во историјата.
- 2014 (Бразил): Изведба на „La La La (Brazil 2014)“ на финалната церемонија во Рио де Женеиро.
Светското првенство 2026 започнува на 11 јуни и ќе трае до големото финале на 19 јули, а гласот на Шакира дефинитивно ќе биде главниот звучен мотив на стадионите ширум Северна Америка.



