Понекогаш фудбалот пишува приказни кои не се за голови и асистенции, туку за преживување. Македонскиот репрезентативец Стефан Ашковски, во најновото издание на ФФМ подкастот, за првпат отворено зборуваше за пеколот низ кој помина изминативе денови по ескалацијата на конфликтот во Иран.
Кога шегата станува сурова реалност
Ашковски се наоѓал во карантин со својот тим Рафсанџан, подготвувајќи се за натпревар, кога соиграчите почнале да се шегуваат дека „Трамп нападнал“. Но, во 9 часот наутро, шегата станала реалност и му биле покажани снимки од нападите.
„Во тој момент 300 филмови ми се свртеа во глава. Интернетот веднаш беше исклучен, а аеродромите затворени. Моравме со автобус да патуваме 15 часа до Техеран“, се потсетува Стефан.

Јасир Асани и „ангелот чувар“ Мердар
Клучната фигура во ова спасување е неговиот пријател и соиграч од Техеран, албанскиот репрезентативец Јасир Асани. Иако Асани веќе бил на пат за Истанбул, тој му го оставил на располагање својот личен возач Мердар.
„Јасир ми рече: ‘Не се секирај, Мердар ќе биде тука за тебе’. Тој човек е херојот на оваа приказна. Ме возеше низ празниот Техеран додека одекнуваа експлозии, не ме остави ниту за секунда сам“, вели Ашковски.
Драма за пасошот среде бомбардирање
Најкритичниот момент бил преземањето на пасошот. Хотелот каде што бил документот се наоѓал во непосредна близина на резиденцијата на Хамнеи, која била цел на напади.
„Војската и полицијата не пуштаа никого. Моравме да изнајмиме мотор и тројца на еден мотор, низ тесни улички, стигнавме до хотелот за да го земам пасошот. Кога го видов докторот како ми го дава документот, знаев дека имаме шанса“.
Бегството продолжило со автомобил кон границата со Турција. Ашковски возел добар дел од патот за да го одмени преморениот Мердар, кој со себе ги зел и сопругата и малото дете. По патот слушнале две силни експлозии во непосредна близина.
Пеколот на границата: „Вратете се во Техеран!“
Кога мислел дека е на сигурно, се појавил нов проблем – визата му била истечена пет дена. Иранските погранични служби биле немилосрдни.
„Ми рекоа: ‘Не нè интересира војна, вратете се во Техеран да ја продолжите визата’. Тогаш ми беше најтешко. Среќа, сопругата стапи во контакт со нашиот дипломат во Анкара, Умит, кој по три телефонски разговори и сериозен авторитет, успеа да ги убеди да ме пуштат со плаќање казна“.
Крај на агонијата
Откако ја поминал границата, Ашковски преку Ван и Истанбул конечно стигнал во Македонија. Иако сега е на сигурно, вели дека Иран ќе го памети по добрите луѓе, а не по режимот.
„Не посакувам на никого вакво искуство. Сега само сакам да се одморам со семејството и да чекаме одлука од ФИФА за нашите договори“.



