Како што се ближи крајот на 2025 година, ФК Аеродром го заокружува едно од најуспешните поглавја во своето постоење. Со визија која ги надминува локалните рамки и посветеност која создава нови фудбалски асови, клубот од најспортската општина во Скопје докажа дека е вистински расадник на таленти. Клубот во изминатата година беше дом за околу 300 дечиња, кои секојдневно ги учеа фудбалските вештини под будното око на 10 искусни тренери и стручни лица. Процесот на работа опфати сè – од почетните чекори во Детската лига на ФФМ и Регионалната лига, па сè до сериозните предизвици во Третата сениорска лига и Втората младинска лига.
Меѓународни успеси: Кога Аеродром го „руши“ Партизан!
Годината ја одбележаа бројни пехари и медали, но еден момент останува врежан во историјата на клубот, победата на генерацијата 2016 над гигантот ФК Партизан од Белград на турнирот во Нови Сад. Овој триумф е доказ дека срцето на децата од Аеродром е поголемо од секој противник.

Забележителни резултати во 2025:
Генерација 2013: Шампиони на „Еуроспорт Куп“
Генерација 2017: Второ место на „Пирин Куп“ (Бугарија), второ место на „Кул Куп“ и трето на „Алесандро Куп“.
Генерации 2016/2017: Четврто место на силниот меѓународен турнир „Град Нови Сад“
Аеродромски таленти под лупа на Барселона и Црвена Звезда
Квалитетот на работата во ФК Аеродром не остана незабележан од европските скаути. Оваа година, неколку наши „дијаманти“ добија покани за проба и интерес од вистински фудбалски гиганти:
Лука Костов (2010): Повик од големата ФК Барселона (Шпанија)!
Мартин Атанасовски (2009) и Тео Блажевски (2013): Повик од ФК Чукарички (Србија)
Илија Мојсоски (2014): Интерес од ФК Црвена Звезда и ФК Чукарички
Марко Мартиновски и Максим Костадиновски (2012): Горди репрезентативци на Македонија.
Клубот дополнително ја зацврсти меѓународната соработка со организација на успешниот камп со ФК Чукарички во Скопје.

Изјава на Ивица Аврамовиќ, претседател на ФК Аеродром:
„Годинава што изминува ја одбележавме со континуирана напорна работа и искрена посветеност на децата кои се дел од нашата фудбалска школа. Резултатите на теренот се видливи преку освоените пласмани и моментите на кои сме исклучително горди. Посебна мотивација ни се повиците од реномирани европски клубови, што е потврда дека тука се создаваат фудбалери со потенцијал и карактер. ФК Аеродром останува клуб кој се гради чекор по чекор, со визија и љубов кон фудбалот“.
Амбиции за 2026: Супер лига и Втора лига!
ФК Аеродром не застанува тука. Плановите за новата 2026 година се уште поамбициозни, како што е влезот на младинската селекција во Супер лигата, промоција на сениорите во Втората македонска фудбалска лига и нови меѓународни кампови и турнири кои ќе ги отворат вратите за нашите деца кон Европа.



