Во врска со инцидентот што се случи за време на натпреварот помеѓу ФК Беса и ФК Аеродром, каде голманот на гостинскиот тим беше физички нападнат, до нашата редакција пристигна и официјално сооопштение од ФК Аеродром.
Ви го пренесуваме во целост:
Го осудуваме насилството во Слупчане, бараме целосна одговорност и повикуваме фудбалот да остане спорт на фер-плејот
Во врска со немилиот настан кој се случи вчера (26.10.2025) на натпреварот од Третата лига – Север, помеѓу ФК Беса (Слупчане) и ФК Аеродром, сакаме јавно да ја информираме спортската јавност за следното:
По последниот судиски свиреж, нашите фудбалери беа физички нападнати од страна на дел од фудбалерите на противничкиот тим.
Во инцидентот беа нападнати тројца наши играчи – голманот и уште двајца фудбалери, кои претрпеа телесни повреди и сите беа веднаш пренесени во болница во Скопје, каде што им беше укажана лекарска помош.
По укажаната медицинска интервенција, двајца фудбалери се пуштени на домашно лекување, а голманот сè уште е хоспитализиран.
Натпреварот заврши со победа на нашиот тим (2:1), а непосредно по досудениот крај, следуваше неиспровоциран и брутален напад врз членовите на ФК Аеродром.
ФК Аеродром најостро го осудува овој чин на насилство и апелира до Фудбалската федерација на Македонија, надлежните дисциплински органи и Министерството за внатрешни работи да преземат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите.
Фудбалот мора да остане симбол на спортски дух, фер-плеј и почит, а не поле на агресија и опасност за здравјето на спортистите.
Им се заблагодаруваме на сите клубови, спортски работници, навивачи и медиуми кои испратија пораки на поддршка и солидарност со нашите повредени играчи.
ФК Аеродром ќе продолжи да се бори чесно на теренот и да го промовира спортот како место на фер натпреварување, со меѓусебна почит и спортски дух.



