Само три трки по почетокот на новата ера во Формула 1, владејачкото тело ФИА, тимовите и производителите на мотори постигнаа едногласен договор за итни измени на техничкиот правилник. По поплаките од возачите дека новите болиди се „контраинтуитивни“ и опасни во одредени сегменти, Ф1 реши да дејствува со „скалпел, а не со бејзбол палка“, како што сликовито објасни шефот на Мерцедес, Тото Волф.
Поголемиот дел од овие реформи ќе стапат на сила веќе од следната трка за Големата награда на Мајами (1-3 мај), со цел да се врати фокусот на чистиот тркачки талент, а не на претераното менаџирање со батериите.

Квалификации: Крај за „тактичкото возење“
Најголемите поплаки од возачите, вклучувајќи го и Макс Верстапен кој дури наговести повлекување од спортот поради незадоволство од новите правила, беа насочени кон квалификациите. Возачите беа принудени да „креваат нога“ од гаста среде брз круг за да ја наполнат батеријата, нешто што е целосно спротивно на природата на спортот.
- Намален лимит за полнење: Максималното полнење на батеријата во еден круг е намалено од 8MJ на 7MJ. Ова ќе го намали времето потребно за агресивно полнење и ќе им овозможи на возачите поконзистентно да возат со полн гас.
- Зголемена моќност: т.н. „super-clipping“ (полнење додека возачот е под полн гас) сега е зголемено од 250kW на 350kW, што значи дека батеријата ќе се полни поефикасно без да му пречи на возачот.
Трка: Безбедноста на прво место
Измените во услови на трка се директен одговор на инцидентите како оној на Оливер Берман во Јапонија. Огромните разлики во брзината меѓу болид кој ја користи целата батерија и болид кој е во режим на полнење (разлика од дури 470 коњски сили) создаваа опасни ситуации.
- Ограничена „Boost“ моќност: Максималната моќност достапна преку „Boost“ режимот сега е ограничена на +150kW над моменталното ниво на моќност.
- Зони на моќност: Болидите ќе ја имаат целата моќност од 350kW во зоните за забрзување и претекнување, но ќе бидат ограничени на 250kW во другите делови од патеката за да се избегнат ненадејни и опасни разлики во брзината.
Револуција при стартот на трките
Стартовите оваа година се покажаа како критични поради новата архитектура на моторите. Во Мајами ќе биде тестиран нов систем за детекција на болиди кои имаат „абнормално ниско забрзување“ веднаш по пуштањето на куплунгот. Во такви случаи, автоматски ќе се активира MGU-K единицата за да му даде на болидот минимално забрзување и да се спречат верижни судири, придружено со трепкачки светла за предупредување на останатите возачи.

Дождливи услови: Подобра контрола
Поплаките за преголемиот вртежен момент во дождливи услови исто така се земени предвид. Зголемена е дозволената температура на грејачите за „intermediate“ гумите за подобар почетен грип, додека максималната моќност на ERS системот ќе биде намалена за да се спречи пролизгување на болидите при низок грип.



