Статистиката е како бикини, покажува многу, но покрива сè. Меѓутоа, кога бројките се толку брутално доминантни, тие престануваат да бидат само статистика и стануваат факт кој не може да се игнорира.
Денеска, платформата „Sofascore“ ја објави листата на највисоко оценети играчи во Топ 5 лигите во светот. На врвот е Хари Кејн (8.17), следен од Ерлинг Халанд (8.01) и Килијан Мбапе (7.98).

Но, ако ги прошириме параметрите и погледнеме што прави еден Македонец во својата лига, добиваме податок кој треба да го замисли секој во стручниот штаб на репрезентацијата.
Љупче Дориев ја игра сезоната на кариерата во Согдијана. Неговата просечна оцена сезонава е фасцинантни 7.91!

За споредба, тоа е повисока оцена од онаа на Лука Модриќ (7.75) во Серија А и е веднаш зад елитата на светскиот фудбал.
Узбекистан не е Англија, но формата е – форма!
Да бидеме реални и искрени. Свесни сме дека Суперлигата на Узбекистан не е ниту блиску до Премиер лигата, Бундеслигата или Ла Лига. Никој не прави таква илузија.
Но, таа лига дава учесници во елитната Лига на шампиони на Азија (AFC Champions League Elite) и е, во најмала рака, на исто (ако не и на повисоко) ниво од Првата македонска фудбалска лига, па дури и од некои други лиги од каде што редовно добиваме репрезентативци.
Дориев е убедливо најдобриот играч во таа лига. Тој не само што учествува, тој доминира:
- 16 постигнати голови
- 6 асистенции
- 176 успешни дриблинзи (најмногу во лигата)
Како што веќе пишувавме кога постигна нов гол од пенал и асистенција, Дориев е „алфа и омега“ во својот тим. Тоа го докажа и на последниот натпревар против Хоразм (победа од 0-2), каде повторно беше играч на натпреварот со гол во 83. минута и асистенција во 93. минута.
Погледнете ги најинтересните моменти од неговата последна партија:
Зошто стручниот штаб си става „трн во око“?
Пред неколку дена, селекторот Благоја Милевски го објави списокот од 28 фудбалери за натпреварите со Летонија и Велс. На тој список, повторно, го нема името на човекот кој има директно учество во над 20 голови сезонава.
Не сакаме да шириме негативна енергија пред клучниот натпревар во Кардиф. Сите сакаме победа против Велс и пласман во баражот за Светско првенство. Но, би се лажеле самите себе ако премолчиме очигледна неправда.
Во репрезентацијата се повикуваат играчи кои:
- Се во очајна форма.
- Немаат минутажа во своите клубови (греат клупа или трибини).
- Играат во лиги со сомнителен квалитет без никаков конкретен учинок.
Од друга страна, имаме играч кој е во животна форма, кој „пука“ од самодоверба и кој статистички е еден од најдоминантните крилни напаѓачи што ги имаме во моментов.
Ние уште во нашето „Досие Спортска Станица“ прашавме: Го има ли Милевски „ѕверот“ со 24 гола на радарот? Одговорот, за жал, се чини дека е „не“.
Се надеваме на победа во Кардиф. Но, ако резултатот изостане, ќе мора да се постават многу сериозни прашања за критериумите според кои се составува националниот тим. Дали играат најдобрите и најподготвените, или важат некои други правила?
Следете нè: Facebook | Instagram | X



