Она за што долго се дебатираше во фудбалските кулоари, конечно стана реалност. Во канадската Премиер лига (CPL) викендов беше постигнат првиот гол во историјата на фудбалот според новото „daylight“ правило за офсајд, предложено од легендарниот менаџер на Арсенал и актуелен шеф за развој во ФИФА, Арсен Венгер.
Натпреварот меѓу Пацифик и Халифакс Вондерерс заврши 2:2, но ќе остане запаметен по 20-та минута, кога напаѓачот Алехандро Дијаз постигна гол кој според досегашните правила би бил поништен, но според визијата на Венгер е сосема легален.
Што всушност претставува новото правило?
Концептот на Венгер е едноставен и дизајниран за да им даде предност на напаѓачите и да го зголеми протокот на играта, без досадните прекини за „милиметарски“ офсајди кои го убиваат фудбалот по воведувањето на ВАР технологијата.
Старото правило: Офсајд е ако кој било дел од телото со кој може да се постигне гол е понапред од претпоследниот играч во одбраната.
Правилото на Венгер: Напаѓачот е во дозволена позиција сè додека кој било дел од неговото тело (со кој може да постигне гол) е во линија или се преклопува со дефанзивецот. Со други зборови, мора да постои видлив простор („daylight“) меѓу напаѓачот и одбраната за да се досуди офсајд.

Историскиот момент на „Вондерерс Граундс“
Во спорната ситуација, по еден одбиен удар од голманот, Дијаз ја смести топката во мрежата. Иако неговото тело беше маргинално пред дефанзивецот Лоренцо Калегари, тие сепак се „преклопуваа“ во една точка. Според стандардните правила на ИФАБ, ова би било офсајд. Но, бидејќи немаше видлив празен простор меѓу двајцата играчи, судијата го призна голот, на општо изненадување на одбраната на Халифакс.
We saw the impact of Arsène Wenger’s ‘daylight offside’ rule in the #CPLSoccer match between the Halifax Wanderers and Pacific FC
— OneSoccer (@onesoccer) April 18, 2026
Here’s how close Alejandro Díaz was to being offside on his goal📏 pic.twitter.com/7rr72O7qqQ
Овој експеримент во Канада се спроведува во соработка со ФИФА и ИФАБ како тест-период за сезоната 2026. Комесарот на канадската лига, Џејмс Џонсон, истакна дека се горди што неговата лига е на чело на иновациите кои треба да го обликуваат фудбалот на иднината.
Доколку овој тест се покаже како успешен и донесе повеќе голови и помалку контроверзи со ВАР линиите, многу е веројатно дека правилото на Венгер набрзо ќе го видиме и во најсилните европски лиги. Фудбалот каков што го знаеме е на прагот на голема промена.



