Футсал финале во Гевгелија: Кеги Моби и Проект во директна битка за Куп трофејот

 

Објавено:

Вечерва со почеток од 20:30 часот, СЦ „26 Април“ во Гевгелија е домаќин на финалето од Купот на Македонија во футсал. Во завршниот натпревар за престижниот трофеј ќе се соочат екипите на КМФ Кеги Моби од Велес и КМФ Проект од Валандово, кои ќе се обидат да го наследат минатогодишниот освојувач, тимот на Форца.

Различен пат до завршниот натпревар

Двата состави имаа сосема различен интензитет на натпревари до финалето. Велешки КМФ Кеги Моби помина низ исклучително неизвесни дуели. Откако во осминафиналето го совладаа Шкупи со 4-3, во четвртфиналето беа подобри од Бутел со 8-6. Полуфиналната пресметка против Јувентус Серава во регуларниот дел заврши со изедначени 4-4, за велешани да триумфираат дури по изведувањето на пенали со 5-4.

Од друга страна, КМФ Проект стигна до Гевгелија преку доминантни настапи. Валандовчани во осминафиналето славеа над Кратово со 7-2, во следната фаза беа подобри од Осогово со 7-4, додека во полуфиналето забележаа убедлива победа над Клими Кавадарци со резултат од 11-0.

Искуство наспроти младост во одлучувачките 40 минути

Капитенот на Кеги Моби, Трајче Трајков, истакна дека нивната предност може да биде рутината, и покрај тоа што Проект ги доби двата првенствени дуели оваа сезона. „Тие имаат млади и квалитетни играчи, но верувам дека нашето искуство ќе дојде до израз. Очекувам да одиграме паметно и на крајот да се радуваме на пехарот“, изјави Трајков.

Тренерот на тимот од Велес, Панче Нанев, посочи дека по освојувањето на второто место во првенството, освојувањето на Купот би било одличен крај на напорната сезона.

Во таборот на валандовчани, тренерот Игор Димов ја отфрла улогата на фаворит. „Нашите меѓусебни натпревари оваа сезона покажаа дека разликите се мали. Очекувам цврст и борбен натпревар, во кој ќе одлучуваат детали“, изјави Димов, додавајќи дека предноста е што тимот нема повредени играчи и настапува во комплетен состав.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено