Во нашата серија „Досие Спортска Станица“, досега го свртевме вниманието кон играчи кои со својата форма заслужуваат повик во националниот дрес, како Љупчо Дориев и Милан Илоски. Но, денешното “досие” е поинакво. Овојпат, не анализираме играч, туку човекот кој е назначен да го реши токму овој проблем, легендарниот Николче Новески.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) повлече потег кој можеби е еден од најважните во поновата историја на нашиот фудбал. Формирана е официјална скаутинг служба за следење на таленти од дијаспората, а на нејзино чело е поставен човекот кој е синоним за професионализам, пожртвуваност и германска дисциплина – Николче Новески.
За помладите, да потсетиме: Новески е икона на германскиот Мајнц 05. Битолчанецот кој како млад замина од Пелистер, во Германија изгради кариера за почит, поминувајќи цели 11 сезони во Мајнц, каде со години ја носеше и капитенската лента. Одигра вкупно 256 натпревари во Бундеслигата – бројка што сама по себе зборува за неговиот квалитет и константност на највисоко ниво. За Македонија, тој беше столб на одбраната, со 64 настапи и 5 гола, останувајќи запаметен како бескомпромисен борец и вистински лидер. Неговиот авторитет беше препознаен и со двете награди за Најдобар македонски фудбалер во 2005 и 2013 година.
Но, она што го прави неговото назначување толку значајно не е само неговата импресивна кариера, туку и менталитетот што го носи со себе. Во своето прво обраќање, Новески испрати порака која одекна како бомба и даде надеж дека работите конечно ќе се сменат од корен. “Да бидам јасен уште на стартот. Јас сум, ама во буквална смисла така напишете, АЛЕРГИЧЕН на протекции, јавувања, “Ало, Ало” функционирање. Тоа кај Николче Новески како директор на скаутинг службата на ФФМ не постои. Да си дозволам јас да “пројдат” играчи од трети, четврти лиги, без минутажа, со “сомнително” портфолио. Тоа нема да го видите. Скаутинг службата на ФФМ ќе работи на германски начин“, изјави Новески.
Оваа изјава е музика за ушите на секој фудбалски фан во Македонија. Таа најавува крај на една ера на импровизации и почеток на систематска, професионална работа. Мисијата на Новески и неговиот тим, во кој се вклучени и други великани како Горан Пандев, Ѓорѓи Христов и Агим Ибраими, е јасна: ниеден фудбалски талент со македонско потекло, без разлика каде во светот игра, да не остане незабележан.
“Нашата мисија е јасна, ниеден фудбалски талент со македонско потекло да не остане незабележан. Ова е силен чекор напред во модернизацијата и професионализацијата на нашата работа”, изјави и претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, потврдувајќи ја сериозноста на проектот.
Назначувањето на човек со таков интегритет и авторитет е гаранција дека во иднина, единствениот критериум за влез во репрезентацијата ќе биде квалитетот, а не телефонскиот повик.
Спортска Станица и тоа како ќе продолжи со својата мисија да ги истакнува фудбалерите кои заслужуваат внимание. Со огромна доза на оптимизам, знаеме дека паралелно со нас, постои и официјално тело предводено од вистински професионалец, кое работи на истата цел. Ова е можеби најголемото засилување што македонскиот фудбал можеше да го добие.
Ве повикуваме да ни ги испраќате вашите предлози и мислења на нашата е-маил адреса contact@sportstation.mk или на социјалните мрежи.


