Голеада на Вардар и клучна победа на Пелистер во 28-то коло од ПМФЛ

 

Објавено:

Возбудливото 28-мо коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) донесе драстични промени на врвот на табелата, но и исклучително важни бодови во битката за избегнување на испаѓањето.

Шампионска лекција: Шкупи – Вардар 0:7

Фудбалерите на Вардар експресно одговорија на вчерашната победа на Шкендија и со вистинска демолација над Шкупи од 0:7 се вратија на лидерската позиција во првенството. Натпреварот кој се одигра на комплексот „Петар Милошевски“ во Скопје наликуваше на полесен тренинг за „црвено-црните“.

Голеадата ја отвори Горан Закариќ во 10-тата минута. До крајот на првото полувреме, Давид Бабунски (44′) и автоголот на Ендрит Рустеми (45’+3) донесоа сигурни 0:3. Во вториот дел, доминацијата продолжи со головите на Димитар Тодоровски (57′), Стефан Цветковиќ (73′) и Едиз Спахиу (83′), за капитенот Азер Омерагиќ во судиското надополнување да ги постави конечните 0:7. Со оваа победа, Вардар сега има 68 бодови, еден повеќе од второпласираната Шкендија.

Златни бодови за битолчани: Пелистер – Македонија ЃП 2:0

Во Битола, екипата на Пелистер забележа златен триумф од 2:0 против директниот конкурент за опстанок, Македонија Ѓорче Петров. Ова е прва победа на битолчани над популарните „лавови“ по пауза од цели 10 години!

По тврдото прво полувреме во кое домашните пропуштија неколку одлични шанси (вклучувајќи го и ударот на Спировски кој беше расчистен од гол-линијата), Пелистер го скрши отпорот во вториот дел. Капитенот Мирко Ивановски донесе водство во 49-тата минута по одлична акција.

Работите за гостите од Скопје се влошија во 59-тата минута кога Гереро заработи црвен картон. Предноста од играч повеќе ја искористи Милан Србијанац, кој во 72-рата минута постигна прекрасен гол за конечни 2:0. Со овие три бода, Пелистер се искачи на 9-тото место (позиција која води во бараж) со 29 бодови, додека Македонија ЃП останува во опасната зона на 11-тото место со 24 бодови.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено