Тоа што SportStation.mk го најави уште пред Нова година, денеска доби и официјална потврда. ГРК Охрид го промовираше своето најголемо зимско засилување, хрватскиот пивот Џанфранко Прибетиќ.
Клубот од „Билјанини Извори“ потврди дека 25-годишниот ракометар, кој доаѓа директно од најсилното првенство на светот (Германската Бундеслига, тим Штутгарт), ставил потпис на договор со важност до 2028 година. Ова е јасен сигнал дека Охрид гради сериозен проект на долги патеки.
Први зборови на „Џинот“
Прибетиќ, кој е висок 196 сантиметри и има искуство од играње во Нексе и Штутгарт, не го криеше задоволството:
„Многу сум среќен и горд што потпишав за Охрид. Имам слушнато само убави зборови за клубот и за градот. Едвај чекам да започнат натпреварите и да се борам за целите на клубот“, изјави новиот пивот на охриѓани.



