Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) експресно реагираше по скандалозните сцени кои се случија викендов во Куманово. Стадионот „Башкими“ е под суспензија, а против клубот и едно приватно лице е покрената дисциплинска постапка по сериозните инциденти на мечот од 28. коло во Првата МФЛ против Струга Трим Лум.
Според официјалниот извештај на делегатот, по завршувањето на средбата (одиграна на 19.04.2026), настанало вистинско дивеење на теренот додека судиската екипа сè уште била присутна.
Физички напад и 15 минути страв
Најсериозниот инцидент го предизвикало лицето Бурак Хида, кое воопшто не било заведено во официјалниот записник. Тој физички го нападнал претставникот на Струга Трим Лум, Мифтар Шаќири, задавајќи му удар во пределот на градите. Хаосот продолжил со вербални навреди и недолично однесување од страна на лица поврзани со домашниот клуб и редарската служба кон гостинските фудбалери.
Целата драма траела помеѓу 10 и 15 минути, а поголем инцидент бил спречен само благодарение на интервенцијата на полицијата. Службените лица и гостинската екипа морале да бидат евакуирани под засилено полициско присуство за безбедно да го напуштат Куманово.
Расправии со делегатот уште пред првиот свиреж
Дека атмосферата била „зовриена“ уште пред почетокот на мечот потврдува и информацијата дека претставник на Башкими влегол во вербална расправија со делегатот. Причината била најавата дека натпреварот ќе биде прекинат доколку се појават навредливи скандирања кон државата и ФФМ, нешто што домашниот претставник остро го оспорувал.
Казни и дисциплинска постапка
Комисијата за натпревари при ФФМ, повикувајќи се на членовите 75-в и 77-г од Правилникот, донесе одлука за итна суспензија на стадионот „Башкими“. Кумановци нема да можат да играат на својот терен сè до донесување на конечната одлука од страна на Дисциплинската комисија.
ФФМ уште еднаш упати најостра осуда за ваквото однесување, нагласувајќи дека нема да има толеранција за насилството кое го руши интегритетот на македонскиот фудбал.



