Шок во „Валдебебас“ на само три дена пред големото дерби со Барселона. Реал Мадрид официјално потврди дека започнува дисциплинска постапка против Федерико Валверде и Орелиен Чуамени по сериозен физички инцидент кој се случил за време и по денешниот тренинг.
Хронологија на конфликтот: Од остар старт до болница
Тензиите меѓу двајцата соиграчи започнале уште во средата, но ситуацијата кулминирала утрово. Инцидентот започнал на теренот со исклучително остар старт на Валверде над Чуамени. Вербалната расправија продолжила во соблекувалната по тренингот, каде конфликтот прераснал во физичка пресметка.
За време на тепачката, Валверде паднал и со главата удрил во една од масите во соблекувалната. Поради сериозноста на ударот, Уругваецот веднаш бил пренесен во болница на дополнителни прегледи.
Валверде го пропушта „Ел Класико“
Реал Мадрид објави дека по извршените медицински тестови, кај Валверде е дијагностицирана краниоенцефалична траума. Иако играчот е пуштен на домашно лекување и е во добра состојба, протоколите налагаат строг одмор од 10 до 14 дена. Ова значи дека Валверде дефинитивно нема да настапи на неделното дерби на „Камп Ноу“, натпревар во кој Барселона би можела да ја запечати титулата во Ла Лига.
Официјална реакција од клубот
„Кралскиот клуб“ преку соопштение порача дека нема да толерира вакво однесување.
„Реал Мадрид соопштува дека по настаните кои се случија ова утро, одлучи да отвори дисциплински постапки за нашите играчи Федерико Валверде и Орелиен Чуамени. Клубот дополнително ќе информира за решенијата откако ќе завршат внатрешните процедури“.
Овој инцидент е само продолжение на нарушената атмосфера во тимот на Мадрид, каде неодамна беа забележани и кавги со учество на Антонио Рудигер и Килијан Мбапе. Генералниот директор Хозе Анхел Санчез наводно е згрозен од однесувањето на играчите во пресрет на најважниот натпревар во сезоната.



