Еден натпревар, 120 минути борба и пенал-рулет за една цел, продолжување на сонот за Светското првенство. Во финалето на африканскиот плеј-оф во Рабат, ДР Конго ги совлада Нигерија со 4-3 на пенали, откако натпреварот заврши 1-1 по продолженијата.
„Супер Орлите“ на Виктор Осимен се елиминирани. „Леопардите“ од ДР Конго патуваат во интерконтиненталниот бараж во март!
Експлозивен почеток, па 120 минути „војна“
Нигерија, како фаворит, влезе фуриозно во мечот. Уште во 3. минута, по една одбиена топка, Френк Ониека испрати „проектил“ од работ на шеснаесетникот, кој со помош на еден одбранбен играч заврши во мрежата за 1-0.
Но, ДР Конго покажа зошто го елиминираше Камерун. „Леопардите“ не се предадоа, туку трпеливо ја чекаа својата шанса. Таа дојде во 32. минута, кога по грешка на Вилфред Ндиди на средината на теренот, Мешак Елиа излезе сам пред голманот и ладнокрвно израмни на 1-1.
Од тој момент, па сè до 120-тата минута, гледавме рововска битка. Осимен се обидуваше, се бореше, имаше шанси со глава, но одбраната на ДР Конго, предводена од Шансел Мбемба и Арон Ван-Бисака, беше брилијантна.

Мајсторскиот потег на селекторот и херојот Мбемба
Како што се приближуваше крајот на продолженијата, селекторот на ДР Конго, Себастиен Десабр, го направи потегот на мечот: во последната минута го извади првиот голман Мпаси и го внесе резервниот, Тимоти Фајулу, специјално за пенал-серијата.
И се покажа дека тоа е генијален потег.
Фајулу одбрани дури два клучни пенали и им донесе огромна предност на „Леопардите“.
Целата пенал-драма и славјето на ДР Конго можете да ги погледнете со клик ОВДЕ.
На крајот, одговорноста падна на човекот кој ја донесе оваа репрезентација во финалето – капитенот Шансел Мбемба. Тој прецизно ја погоди мрежата за конечни 4-3 и ерупција на клупата на ДР Конго.
ДР Конго (поранешен Заир) ќе се бори за враќање на Мундијалот, каде што последен пат биле во 1974 година.



