Техничкиот директор на младинските национални тимови во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Ѓорги Христов, на денешниот брифинг со медиумите ги претстави досегашните резултати на помладите репрезентации и плановите за нивниот понатамошен развој. Во обраќањето тој се осврна на пласманите во елитната фаза од европските квалификации, реорганизацијата на младинските лиги, критериумите за селектирање, но и на нефудбалските влијанија и заминувањето на млади играчи во странски репрезентации.
Во центарот на презентацијата беа настапите на генерациите 2009 и 2010, кои во последните две години изборија пласман во елитната фаза од квалификациите за Европското првенство, што според Христов претставува показател дека процесот се движи во посакуваната насока.
Пласманите во елитната фаза и работата со помладите генерации
Христов го истакна континуитетот кај најмладите категории, посочувајќи дека влезот во елитната фаза носи подобар статус при ждрепката и дуели со најсилните европски селекции.
„Треба да бидеме задоволни и горди на резултатите. Генерацијата 2010 обезбеди пласман во елитната фаза, а тоа е втора година по ред во која успеваме да го направиме овој чекор. Лани тоа го направи генерацијата 2009, сега и 2010. Станува збор за феноменален резултат, особено затоа што се работи за најмладите репрезентативни селекции. Во последните 30 години само двапати сме имале пласман во елитната фаза, а сега тоа го остваруваме две години последователно“, изјави Христов.
Тој се осврна и на генерацијата 2008, оценувајќи го нејзиниот квалификациски циклус како успешен и покрај форматот во кој само првопласираната екипа одела понатаму, а додаде дека паралелно се работи и со генерациите 2011 и 2012 со намера резултатите да не зависат само од една генерација.

Реорганизацијата на лигата, следењето на мечевите и притисоците
Како значаен дел од промените, техничкиот директор ја наведе реформата на младинскиот лигашки систем, со која, според него, фудбалерите добиваат повеќе натпревари и појасна конкуренција за репрезентативниот дрес.
„Ја реорганизиравме лигата. Секоја недела ги имаме децата на терените и тоа е многу важно за нивниот развој и за резултатите што ги постигнуваме. Не влегуваме во никаква еуфорија. Важно е самите деца да видат дека можат да напредуваат, но и дека никој нема загарантирано место во тимот, без разлика на претходниот труд. Тоа важи и за селекторите. Селекцијата мора да биде конкурентна, а одлуките да се носат врз основа на она што го гледаме на теренот“, нагласи Христов.
Тој додаде дека натпреварите ги следи поширок тим на поранешни репрезентативци вклучени во структурата на федерацијата.
„Ги следиме сите натпревари. Ако не сум јас, тука е Горан Пандев, ако не е Пандев, тука се Новески или Артим Шаќири. Тоа е многу значајно за децата од младите генерации. Сакаме да знаат дека нивната работа се следи, дека постои конкуренција и дека до репрезентацијата се стигнува со квалитет, работа и континуитет“, рече Христов.
На брифингот стана збор и за нефудбалските влијанија при изборот на играчи. Христов потврди дека тие сè уште се присутни, иако тврди дека нивниот обем е намален во однос на почетокот на неговиот мандат.
„Сè уште се бориме со нефудбалски работи, за жал, но многу помалку отколку во првата година. За да препорачаме некое дете, треба да бидеме 300 проценти сигурни. Многу често кажувам дека некое дете не заслужува да биде во репрезентацијата, затоа што го гледам и знам што се случува. Нефудбалски работи ќе има и понатаму, но се бориме против нив и верувам дека ќе успееме“, истакна тој.
Прогнозата за А селекцијата и играчите што избираат други репрезентации
Христов нагласи дека резултатите во младинските категории не се единствено мерило, туку дека главната цел останува создавање фудбалери за сениорската репрезентација, останувајќи на својата ланска најава за временската рамка.
„Минатата година кажав дека во тој момент немаме репрезентативци за А селекцијата од овие генерации, но дека за две години ќе имаме. Верувам дека тоа ќе се случи. Има квалитет, има потенцијал и важно е да продолжиме да работиме во вистинска насока. Резултатите во младите категории се важни, но уште поважно е колку фудбалери ќе успееме да создадеме за А репрезентацијата“, изјави Христов.
Запрашан за фудбалерите кои по настапите во македонските младински селекции одлучуваат да играат за репрезентации како Германија или Швајцарија, Христов рече дека ФФМ нема да се откаже од ниту еден талент, но посочи дека конечниот збор го имаат семејствата.
„Свесен сум дека станува збор за големи репрезентации. Ние нема да се откажеме од ниту едно дете кое има квалитет и потенцијал да игра за Македонија. Но, тие одлуки ги носат родителите, а не децата. Нашата задача е да им ги понудиме најдобрите услови, да ги следиме, да им дадеме можност и да покажеме дека Македонија има сериозен пристап кон нивниот развој“, заклучи Христов.






