На нешто повеќе од еден месец до крајот на сезоната во Бундеслигата, раководството на Унион Берлин се одлучи за драстичен потег. По серијата катастрофални резултати и последниот пораз од 1:3 на домашен терен против Хајденхајм, клубот од престолнината синоќа, нешто пред полноќ, му врачи отказ на досегашниот главен тренер Штефен Баумгарт и неговите помошници Данило де Соуса и Кевин Мекена.
Шокот во германската спортска јавност е уште поголем бидејќи клубот веднаш го објави името на новиот предводник. До крајот на оваа сезона, улогата на главен тренер на машкиот сениорски тим ќе ја извршува 34-годишната Мари-Луиз Ета. Со ова назначување, Ета испишува фудбалска историја станувајќи првата жена некогаш застаната на чело на еден машки клуб во германската Бундеслига!
„Играме апсолутно разочарувачка пролетна полусезона и не дозволуваме позицијата на табелата да нè заслепи. Нашата ситуација сè уште е критична и итно ни се потребни бодови за да обезбедиме опстанок во лигата. Само две победи на 14 натпревари од зимската пауза досега не ни даваат уверување дека можеме да направиме пресврт со досегашниот стручен штаб. Затоа решивме да направиме нов почеток. Среќен сум што Мари-Луиз Ета се согласи привремено да ја преземе оваа задача, пред од лето како што беше планирано да стане главен тренер на женскиот професионален тим,“ изјави Хорст Хелд, спортскиот директор на Унион Берлин.
Оваа одлука доаѓа како огромно изненадување бидејќи 54-годишниот Баумгарт, кој го презеде тимот во јануари 2025 година, пред само три месеци (во средината на јануари) потпиша нов, долгорочен договор со клубот. Сепак, очајниот учинок од 2 победи, 3 ремија и 7 порази во вториот дел од сезоната го запали алармот во Берлин. Екипата моментално се наоѓа на 11-тото место на табелата, но со само седум бода предност пред зоната за испаѓање.
Која е Мари-Луиз Ета?
Иако за многумина ова е изненадување, 34-годишната Ета не е ново име во системот на Унион Берлин. Таа досега успешно го предводеше тимот до 19 години (со просек од 1.95 бода по натпревар), а претходно (од ноември 2023 до мај 2024 година) работеше и како помошник-тренер во стручниот штаб на сениорската екипа на Унион.
Во својата играчка кариера (под моминското презиме Багехорн), Ета бележеше огромни успеси со Турбине Потсдам, освојувајќи три шампионски титули во Германија и трофејот во женската Лига на шампиони во 2010 година. Поради повреди, кариерата ја заврши на само 26 години и веднаш се насочи кон тренерскиот занает, стекнувајќи се со престижната УЕФА Про лиценца во 2022 година.
„Со оглед на бодовната разлика во долната половина од табелата, нашиот опстанок во Бундеслигата сè уште не е осигурен. Мило ми е што клубот ми ја довери оваа предизвикувачка задача. Силата на Унион отсекогаш била и останува способноста сите да се здружиме во вакви ситуации. И, секако, убедена сум дека заедно со тимот ќе ги освоиме клучните бодови,“ изјави Ета.
Нејзиното деби на клупата на Унион Берлин се очекува со огромно внимание, не само во Германија, туку и низ целиот фудбалски свет.
+++ Neue Kraft für den Endspurt: Marie-Louise #Eta übernimmt +++
— 1. FC Union Berlin (@fcunion) April 11, 2026
Die Profimannschaft der Männer wird die Schlussphase der Saison und den Kampf um den Klassenerhalt unter der Leitung von Marie-Louise Eta angehen, bisherige Trainerin der U19-Junioren und künftige Cheftrainerin der… pic.twitter.com/5w84jM4kyu



