10.8 C
Skopje

Историјата на сите клубови од Премиер лигата: Ливерпул

Објавено:

Ливерпул, клубот кој со генерации го обликува англискиот фудбал и чие име денес е симбол на страст, историја и успех, настанал од една кавга за кирија. Парадоксално, најтрофејниот и најромантизираниот клуб во Англија не бил роден од спортска визија или голема амбиција, туку од обично финансиско несогласување.

Во доцните 1880-ти, Евертон бил еден од основачите на англиската лига и играл на стадионот Енфилд. Газдата на тој терен бил Џон Хоулдинг, локален политичар и успешен пивар. По освојувањето на првата титула во 1891 година, Хоулдинг одлучил да ја зголеми киријата за користење на стадионот, одлука што ги налутила членовите на клубот. Евертон се преселил преку “Стенли Парк”, на местото што денес е познато како “Гудисон Парк”, а Хоулдинг останал со празен стадион.

Од инат, но и од убеденост дека може да направи нешто свое, Хоулдинг одлучил да формира нов клуб. Во мај 1892 година го основал фудбалскиот клуб Ливерпул (Liverpool Football Club and Athletic Grounds Company Limited) и така започнала приказната за Ливерпул. Првите дресови биле во сино-бела комбинација, додека ривалите од Евертон тогаш играле во црвено. Со текот на времето, Ливерпул ги презеде токму тие црвени бои и ги претвори во симбол на непокорност, моќ и страст. Доколку сакате да прочитате повеќе за дебатата околу тоа кои биле првите “црвени”, Ливерпул или Арсенал, можете да ја прочитате нашата статија тука.

Извор: https://www.liverpoolfc.com

Под водство на Том Вотсон, клубот влегол во Фудбалската лига во 1893 година и ја освоил првата титула во 1901. Тоа било само почеток на една династија. Од тогаш, Ливерпул освојуваше титули, поставуваше рекорди и создаваше легенди.

Нивниот градски ривалитет со Евертон стана нешто повеќе од натпревар. Во Ливерпул, семејства се поделени меѓу “црвени” и “сини”, без класни или верски разлики. Единственото правило е дека никој не смее да биде неутрален.

Клубот го доби прекарот “Црвените” (The Reds), а неговиот симбол, митската Лајвер птица, стана нераскинлив дел од идентитетот. Лајвер птицата не е вистинско суштество, туку комбинација од орел и корморан, инспирирана од градскиот грб. Легендата вели дека доколку двете големи бронзени птици од покривот на “Liver Building” некогаш одлетаат, градот ќе биде погоден од несреќа.

Со текот на децениите, амблемот на клубот претрпе промени, но суштината остана иста – птицата, годината на основањето и зборовите “You’ll Never Walk Alone”. По трагедијата на Хилсборо, додадени беа и вечните пламени во чест на жртвите.

Во 1960-тите, Бил Шенкли ја дефинираше модерната ера на Ливерпул. Тој го воведе целосно црвениот дрес и ја постави филозофијата на тимот: дисциплина, единство и вера. Оттогаш, Ливерпул не е само клуб, туку начин на живот.

“Енфилд” денес е светилиште. Неговите трибини се полни со историја и со гласови што ја пеат химната на клубот. Можеби е возможно некој ден да се изгради нов стадион, но е сигурно дека Ливерпул ќе остане Ливерпул – тим во црвено, со Лајвер птица на градите и со душа што никогаш не оди сама.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено