Историјата на Манчестер Сити е како самата приказна на градот – изникната од прашливи работнички улици, оформена од пожари, потонати надежи и постојано раѓање одново. Она што денес е глобален фудбалски гигант, започнало во 1880 година како мала црковна иницијатива и тим создаден од парохијата Свети Марко во Вест Гортон, предградието на Манчестер.
Од црковен тим до Ардвик
Фудбалот бил само една од многуте активности организирани за да се намали сиромаштијата и безредието во индустрискиот кварт. Но токму фудбалот, од сите тие идеи, преживеал. Тимот најпрво играл на нерамно поле во близина на црквата, а потоа се преселил на Киркмансхулм крикет-граунд, каде што набрзо дошло до судир меѓу фудбалерите и крикетарите кои се бунеле дека теренот бил „изоран“, па фудбалерите биле протерани.
Потоа следувале низа трансформации. Клубот се споил со Гортон Атлетик, менувал неколку локации, па во 1887 година, со нов дом на Хајд Роуд, станува Ардвик ФК. Но славата не траела долго. До 1893 година клубот бил во финансиски колапс, пред самиот крај на втората дивизија. Ардвик формално згаснал, но од неговата пепел, во 1894 година, се раѓа Манчестер Сити.

Ново име, нов град, нов дух
Промената на името не била случајна. Тогашниот менаџер Џошуа Парлби сакал клубот да го одрази растечкиот дух на Манчестер, град кој штотуку го отворил Каналот на Манчестер, симбол на индустриска моќ и модерност. „Парлби сакаше клуб кој ќе ја одразува гордоста што целиот Манчестер ја чувствуваше во 1894 година“, ќе запише историчарот Гери Џејмс.
Во тоа време, Сити играл во комбинација на небесно сина и кембриџ сина, додека резервниот дрес бил црн со бел крст. Подоцна, во шеесеттите, Малколм Алисoн ја вратил старата црвено-црна комбинација инспирирана од Милан, боја што ќе биде носена во легендарните победи во ФА Купот 1969 и Купот на победници на купови во 1970 година.
Од пожар до Мејн Роуд
Во 1920 година, голем пожар ја уништил главната трибина на стадионот на Хајд Роуд, што го поттикнал клубот да бара нов дом. Три години подоцна, Манчестер Сити се преселил на Мејн Роуд, стадион со капацитет од речиси 57.000 гледачи, каде што победуваат над Шефилд Јунајтед на 25 август 1923 година пред преполни трибини.
Мејн Роуд ќе остане дом на „граѓаните“ цели 80 години – сведок на подеми, падови, радости и солзи, пред тимот да се пресели на Градскиот стадион на Манчестер во 2003 година, денешниот Етихад.

Синото срце на Манчестер
Со текот на времето, Манчестер Сити изгради своја јасна визуелна и културна идентитетска линија – боите, грбот, па дури и симболот на орелот и трите ѕвезди. Латинскиот натпис „Superbia in Proelio“ (Гордост во битка) останува совршен опис на клубот кој минал низ сè: долгови, испаѓања, радикални промени во сопственост, но никогаш не ја изгубил таа гордост.
Денес, Манчестер Сити е синоним за современа доминација, симбол на фудбалот во новата ера. Но неговите корени, од калливите терени кај Свети Марко, до сјајот на Етихад, сведочат дека приказната за „граѓаните“ отсекогаш била истовремено и работничка, и возвишена.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



