Македонската атлетика бележи историски ден на почетокот од новата сезона! На Националното првенство и Куп натпреварот на 10.000 метри, кое се одржа на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, паднаа два големи национални рекорди благодарение на фантастичните настапи на Дарио Ивановски и младата Дарија Крстевска.
Доминација на Дарио и неверојатен напредок на Дарија
Нашиот најдобар маратонец и олимпиец, Дарио Ивановски, уште еднаш ја потврди својата апсолутна доминација на домашната сцена. Тој го освои првото место во сениорска конкуренција и постави нов државен рекорд со време од 29:07.11, подобрувајќи го претходното најдобро остварување за дури 24 секунди.
Брилијантен настап во женска конкуренција имаше Дарија Крстевска. Таа го освои првото место кај сениорките, но што е уште поимпресивно, постави нов национален рекорд за натпреварувачки под 20 години (У20), истрчувајќи ја делницата за 40:14.11. Овој резултат претставува подобрување на претходниот рекорд за неверојатни 2 минути и 30 секунди!
Атлетската федерација на Македонија им честиташе на атлетичарите за успешното отворање на сезоната, истакнувајќи дека овие резултати се јасен показател за растот на квалитетот на македонската атлетика, како и за силниот потенцијал на новата генерација.



