За прв пат после вековната традиција, на 26 декември оваа година ќе недостасува нешто свето – фудбалот.
Денот кој англичаните го нарекуваат “Боксинг Деј” оваа година ќе помине без историските натпревари од Премиер лигата. И ова не е само дупка во распоредот, ова е напад на една од најомилените британски традиции во спортот. Празник кој го симболизира славењето и жестоката конкуренција.
Not a single Premier League fixture on Boxing Day??? pic.twitter.com/MIp0mEiXko
— The 44 ⚽️ (@The_Forty_Four) June 18, 2025
Вековна традиција која сега е пред колапс
За многу генерации англичани, Боксинг денот значеше повеќе од само фамилијарни ручеци и расфрлана хартија од распакувани подароци. Тоа значеше преполни стадиони, исполнети пабови и смрзнати образи кои се топлат со победите на својот омилен клуб. Тадицијата беше едноставна – на Божиќ ќе се прејадеш, наредниот ден ќе одиш на стадион да навиваш!
Терминот “Боксинг Деј” не доаѓа од поврзаноста со спортот бокс или боречките вештини. Корените на овој празник датираат уште од Викторијанска Англија кога слугите и трговците добивале кутии со подароци од своите газди како знак на благодарност за нивните услуги, а црквите ги отворале кутиите за донации на несреќните.
Во Англија, Боксинг денот е дел од фудбалската традиција уште од 19-от век. Со генерации и генерации наназад, фановите ги исполнуваат стадионите на денот после Божиќ, без разлика на времето или резултатите. Ова не е само ден на натпревари, ова е неизоставен момент од англиската спортска култура.

Натпреварите на Боксинг денот се повеќе од фудбал – тие се момент на славење и непроценливо искуство. Моменти кога луѓето се собираат со фамилијата, се гледаат со старите пријатели и ги преполнуваат пабовите за да навиваат за своите тимови. Без натпревари, сега таа традиција е изгубена.
Манчестер Јунајтед на гости во Њукасл. Челси домаќин на Вест Хем. Брентфорд во борба за нерешено со Тотенхем. Ова не беа само натпревари – тие се дел од Божиќната фудбалска магија.
Оваа година за прв пат ќе биде тишина. Без судиски свиреж за старт. Без навивањето од трибините. Без драма во 90-та минута.
Зошто Премиер лигата се одлучи на ваков чекор?
Премиер лигата реши оваа година да ја продолжи зимската пауза, најмногу поради фактот што интернационалниот распоред е пренатрупан, вклучувајќи ги и натпреварите од ФИФА Светското клупско првенство кое се игра во моментот. Резултатот на тоа е темна дамка во календарот на натпревари за денот после Божиќ.
Главниот “виновник” се глобалните права за пренос на натпреварите и новите турнири. А, “жртвата” овој пат е една света традиција за англиските фудбалски фанови.

Скршените срца на навивачите
Оваа одлука не помина добро во јавноста, особено кај традиционалните, локални фанови и оние кои се држат до корените на играта. Но, модерниот фудбал уште еднаш докажува дека е немилосрден кога станува збор за одлуката меѓу милионите и традициите.
Затоа што фудбалот на Боксинг денот не е за гламур. Тој е за заедницата. За корените и рутината. За татковци и деца кои создаваат спомени на трибините. За мирниот сосед кој единствен пат кога вика е кон судијата. За англискиот појадок, пивото на пладне и гостување во градови каде имаат пријатели кои ги гледаат само два пати годишно.
Тоа не е носталгија, тоа е идентитет на една фудбалска нација. И со право фановите овие денови се прашуваат: “За кого е фудбалот навистина? За локалците кои ги исполнуваат трибините или за глобалните гледачи кои се приклучуваат на ТВ преносите од оддалеченост на илјадници километри?”.
Економските и емотивни последици
Како ќе влијае оваа одлука на локалното население? Локалните пабови ќе останат празни, продажбата на локални производи ќе опадне, а помалите клубови ќе се борат со финансискиот и емотивниот трошок на одлуката.
А, што ќе ги замени овие натпревари? Претсезонски тури за промоција во Саудиска Арабија, зимски календар скован според потребите на глобалната телевизиска публика и распоред во Премиер лигата кој повеќе нема “англиски дух”.
И можеби оваа тема е далечна од нас. Но, она за кое пишуваме не е само за 26-ти декември или католичкиот Божиќ. Ова е за спортот кој губи контакт со своите луѓе, оние кои навистина го сакаат и живеат за секој спортски момент.
Модерната игра е брза, гласна и многу богата. Но, кога традицијата ќе се изгуби, што ќе остане од вистинската спортска љубов?


